1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Албанија отвора бегалски камп во замена за ЕУ-датум?

Аделхајд Фајлке | Фолкер Вагенер
22 јуни 2018

Сѐ уште никој ја нема потврдено гласината дека Албанија би можела да стане централна земја за прифаќање на бегалци во Европа, а сепак надвор од ЕУ. Звучи како златно решение за Меркел, но и за ЕУ.

https://p.dw.com/p/304PY
Griechenland Flüchtlinge auf der Balkanroute
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Ова е теза, и ништо повеќе од тоа. Албанија би можела да стане централна меѓустаница за прифаќање на бегалците. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и австрискиот канцелар Себастијан Курц, беа први кои јавно ја изнесоа идејата за формирање центри за баратели на азил во Европа, но надвор од ЕУ.  Во разговорот со ДВ на албански јазик, портпаролот на виенската влада Петер Лаунски-Тифентал потврди дека во моментов се водат разговори за формирање на такви прифатни центри, меѓу другото и со Албанија. Ендри Фуга, директор за комуникации и советник на албанскиот премиер, изјави за ДВ дека немало ни барање ниту дискусија на оваа тема. Опозицијата во земјата гледа поинаку на тоа. Таа дури и ја обвинува владата за купување на побрзо пристапување во ЕУ со прифатни центри за бегалци. Сето тоа би можело да се одвива на следниов начин:

На Балканската рута 2 и натаму има движење. Бегалците доаѓаат главно од Јадранското Море, но Италија, Малта или Грција веќе не се подготвени да прифаќаат луѓе во големи размери. А ЕУ и Германија сакаат да се ослободат од мигрантите на кои им е одбиено барањето за азил. Каква врска има сето тоа со Албанија?

Предноста на Албанија

Малата балканска држава се простира по должината на бегалската рута и на Медитеранот, од каде доаѓаат повеќето од бегалците. Пристаништето во Драч има доволен капацитет за сместување на поголеми контингенти бегалци. Таму, бегалците во придружба од бродовите на Фронтекс би можеле да пристигнат, за да бидат регистрирани на албанска територија. Од таму или ќе бидат враќани  директно назад во нивните земји на потекло, ако не можат да се утврдат причини за азил или ќе бидат распоредени во рамките на ЕУ доколку им е потребна заштита и имаат шанса да добијат азил.

Infografik Karte Geschlossene Balkanroute DEU

Повеќе:

-Бегалски центри „пред портите“ на ЕУ?

-Европа нема решение на повидок за азилантите

-Мигрантите се европски а не само проблем на БиХ

Она што е особено атрактивно за земјите на ЕУ е тоа дека Албанија не е дел од ЕУ и во неа не важат регулативите на ЕУ, како што се Шенгенскиот договор и Даблинскиот договор. Од друга страна , Албанија е членка на НАТО и на тој начин е закотвена во безбедносната асоцијација на западните држави. Освен тоа, во Албанија во моментов постои и антитерористички центар на НАТО а северот на земјата е главно планински регион, што значи природно обезбедување на граница.

Подготвена ли е Албанија?

Албанија има големо искуство во прифаќањето и грижата за бегалци. Во 1998/99 година, земјата прифати близу еден милион Косовци.

И: во земјата на Западен Балкан, во 2015 година за време на бегалската криза изградени беа значителни капацитети за прифаќање на мигранти. Прифатните кампови останаа практично неискористени досега. Во албанските медиуми циркулираат информации дека овие кампови можат да примат илјадници луѓе.

Портпаролот на УНХЦР за Југоисточна Европа, Невен Црвенковиќ, потврди за ДВ дека Албанија од 2017 година двојно ги зголеми своите постоечки капацитети. Покрај тоа, министерот за внатрешни работи на Албанија Фатмар Џафај деновиве спроведува низа билатерални разговори во европските главни градови, меѓу другите и во берлин. Една од темите на разговорите: миграцијата.

Griechenland Idomeni Flüchtlingslager
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Што би добила ЕУ од тоа?

За разлика од Либија, Албанија е безбедна земја на европска територија, но пред портите на ЕУ. Албанија, исто така, се обидува да стане членка на ЕУ и затоа е подготвена да се придржува кон стандардите на ЕУ, како што се човековите права. УНХЦР потврдува дека Албанија добро ги третира бегалците кои во моментов се наоѓаат во земјата.

Сетон тоа се точки кои дискутираната алтернативна Либија не ги исполнува. И пред сè, ЕУ таму не може да настапува како регулаторна сила. Либија е држава без структура и раководство.

Што би добила Меркел од тоа?

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, на својот последен состанок со австрискиот канцелар рече дека ја поддржува идејата за прифатни центри за мигранти надвор од ЕУ. Владиниот портпарол Штефен Зајберт, од друга страна, во средата не сакаше да коментира во врска со специјалниот самит на ЕУ, кој се одржува во недела во Брисел.

Можниот „Албански дил“ би имал огромно значење за релаксирање на внатрешното-германските несогласувања: Албанија би го понудила „хуманото“ решение. И безбедносните барања на Зехофер би биле задоволени: контролирани постапки под надзор на ЕУ, но надвор од ЕУ, би биле возможни. Тој би можел да биде задоволен и да го продаде ова како успех  во баварската изборна кампања. Владината криза би била фактички завршена.

„Албанското решение" исто така би можело да биде од корист и за Албанија: социјалистичката влада во Тирана е под притисок од конзервативните германски кругови, особено од ЦДУ. Препораката за отворање на пристапните преговори со Албанија, планирана за претстојниот самит на ЕУ се доведува во прашање поради загриженоста за функционирањето на правната држава. Преку дилот за бегалците и Албанија би можела да профитира со благонаклонетост од земјите членки на Унијата. Тие со задоволство би сакале да ѝ се заблагодарат на Албанија за едно такво решение на миграциската криза.

Решение во духот на балканската поговорка: „И волкот сит, и овците на број". Бидејќи со албанскиот дил би можеле да живеат сите: ЕУ, Албанија, а исто така и Ангела Меркел и Хорст Зехофер.