„Алди“ ги освојува Американците
6 септември 2009Росета Стор стои беспомошна пред една на друга во синџир закачените колички за купувачите на „Алди“, на паркингот во Арлингтон, во сојузната држава Вирџинија.
„Не знам како да постапам со ова“, вели Росета. Пред американските супермаркети количките по правило не се ни закачени една за друга, ниту, пак, мора да се уфрли четврт-долар за да се ослободи една од нив.
„Морам овде да ја ставам паричката?“, прашува беспомошно самохраната мајка на три деца. Ова и’ е премиера да пазари кај „Алди“. Од некоја пријателка добила совет дека некои работи тука може да ги најде по уште поповолни цени, отколку кај американскиот супер-дисконтер „Вол март“.
Откако залудно се обидуваше да дојде до количка, еден самоименуван помошник и’ пријде на новата муштерика.
За мала напојница, тој и’ објасни како да ја ослободи количката.
Росета е среќна.
Посебно кога дозна дека кога ќе ја врати количката и повторно ќе ја закачи за другите, ќе си ја добие уфрлената паричка назад. Тоа се детали кои на Американците им го прават толку посебно купувањето во „Алди“.
„Најдобро е да си донесеш кеси со себе, се смее една купувачка. Оти, бесплатни пластични кеси, како кај конкуренцијата, овде нема, туку евентуално само празни картонски кутии. Освен тоа, ни на касата нема некој, кој сето ќе го спакува, пријателски насмевнувајќи се. Вообичаено за американски околности е и некој да ве праша дали ви е потребна помош, дали треба да ви ги однесе купените работи до автомобилот?
Поволните цени се мамец
Американците прво имаа потреба од привикнување на постапката - направи се’ сам кај дисконтерот од Германија, но со оглед на цените, сосем е в ред, смета оваа муштерика.
Многумина од купувачите кај „Алди“ кај првата посета се иритирани со оглед на пуристичкото уредување и залудно ги бараат ним познатите марки. Во земјата на неограничени кечап-сорти и млечни комбинации ги иритира споредбено прегледниот асортиман од околу 1400 различни производи, колку што можат да се најдат во американските филијали на „Алди“. Но, затоа пак, продавниците изненадуваат со акции за стоки со поволни цени.
„Алди“, навистина е уште џуџе меѓу американските дисконтери - „Вол март“, „Таргет“, или „Долар џенерал“, се’ едно. Германскиот дисконтер со претежно американски производи е на 25 место на ранг-листата на американските синџири од супермаркети.
Но, со оглед на рецесијата, дампинг-платите и проблемите со кредитирањето, касите на „Алди“ ѕвонат се’ побрзо - годинава беше отворена веќе илјадитата филијала. Дури ни за потрошувачка разгалениот Њујорк веќе не е зона без „Алди“.
Од околу 20-процентниот пораст на прометот профитираат и соработниците: кој работи најмалку 20 часови неделно, е здравствено осигуран. Во тој пункт и по некој американски супермаркет може да учи од конкуренцијата „мејд ин Џермани“.
Автор: Ралф Зина / Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска