1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Александар Велики - обединувач и лек за грчката траума од граѓанската војна!

Силвера Падори-Кленке15 јули 2013

Адамантиос Скордос од Универзитетот во Виена за ДВ ги коментира хипотетичките последици од Балканските војни за Македонија, спорот со името и грчката траума од граѓанската војна залечена со Александар и антиката.

https://p.dw.com/p/196pk
Фотографија: Petr Stojanovski

Во период од неполни две години, колку што траеле двете Балкански војни, Македонија официјално трипати била делена. Првпат со Српско-бугарската спогодба од 13. март 1912 по линијата Деве Баир - Охрид. Вторпат на крајот на Првата балканска војна, кога границите се поклопиле со линијата на фронтот и третпат со Букурешкиот мировен договор од 10. август 1913, кога Македонија била распарчана и нејзината територија станала дел каде се граничеле Србија, Бугарија, Грција и Албанија.

Карнеги извештајот за причините и текот на Балканските војни, како што сега подвлекуваат историчарите, немал никакво влијание врз подоцнежните процеси кои го зафатиле Балканот и Европа.

И сто години по Балканските војни, меѓутоа, дел од соседите имаат проблем со постоењето на македонската самостојна и суверена држава. Го прашуваме д-р Адамантиос Теодор Скордос од Универзитетот во Виена, инаку, историчар, публицист и добар познавач на регионот: Дали Балканските војни и Букурешкиот мир се виновни за актуелните проблеми кои ги има Македонија со соседите и дали без поделбата, Македонија ќе беше посилна?
„Тешко е да се каже како би се развивала ситуацијата без Балканските војни, без Букурешкиот мир и без поделбата на Македонија на три дела. Човек може да се праша и дали некогаш и ќе била основана македонска држава доколку не бил српскиот дел кој станал дел од Југославија? Или може да се постави и прашањето: Дали основањето на македонската држава не е резултат токму на поделбата која била направена? Ова е доста хипотетичко прашање, но јас не се сомневам дека и тогаш (пред Балканските војни н.з.) имало елити кои биле силно македонски национално свесни, иако биле тесно поврзани со Бугарија. Можеби тие ќе се избореле против Османлиите и ќе формирале независна македонска држава? Можеби ова немаше да биде случај. Но, поделбата на три дела довела до тоа српскиот дел да стане дел од Југославија, со тоа што Тито одлучил да формира држава. Јас децидно не можам да кажам дека Букурешкиот мир и поделбата на територијата на Македонија на три дела го спречила основањето на македонска држава. Никој не може да каже каков би бил развојот. Можеби Бугарија или Грција ќе ја освоеле целата територија, па тогаш немало да го има делот од српската Југославија“, подвлекува д-р Скордос кој  во својата докторска работа објавена пред две години преку анализата на граѓанската војна во Грција го расветлува спорот што околу името го има Македонија со својот јужен сосед.

Adamantios Skordos Konferenz Balkan Kriege 1912/1913 an der Uni Leipzig
Тешко е хипотетички да се каже каква би била судбината на Македонија без Балканските војни? Д-р Адамантиос СкордосФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Поточно д-р Скордос теоретски ја пласира тезата дека историјата се инструментализира за потребите на политиката. Во конкретниот случај, според него, вистинската причина за проблемот со името е граѓанската војна во Грција која како грчка траума се става во позадина, а тежиштето на проблемот се префрла во сосема друга сфера – антиката.

Граѓанската војна во позадина!

„Интерсно е зошто во деведестите години кога темата со името се актуелизирала, граѓанската војна немала никаква значајна улога во дискусијата, туку тоа бил Александар Велики! Во мојот труд можев да докажам дека станувало збор за акција со дефинирана цел. Поточно, кога се говорело за Александар Велики, не морало да се говори за граѓанската војна. И кога не се дискутирало за граѓанската војна - немало опасност Грците повторно да се поделат во две групи: во комунисти и во десно националисти. Токму со името на Алексанадар Велики грчката нација можела да се обедини. Значи, не се говорело за проблемот на сегашноста и граѓанската војна, туку каков бил грчкиот Александар Велики кој ја обединувал грчката нација“, образлага д-р Адамантиос Скордос кој вели дека зад организирано насочената дискусија за Александар стоеле добри познавачи на граѓанската војна и на улогата која Народна Република Македонија тогаш ја одиграла. Во оваа смисла, како столб на својата анализа, Скордос го подвлекува значењето, на како што го нарекува - „мајасторското раскажување“, кое по дефиниција има за цел со користење на делови и митови од минатото да се обезбеди чувството на идентитет. 

Flash-Galerie Ende 2. Weltkrieg Griechenland Anfang Bürgerkrieg
Дискусијата за граѓанската војна меѓу Грците носи само делби - сметаат експертите!Фотографија: picture-alliance/akg

Но, дали младите кои живеат со мобилниот телефон, социјалните мрежи и интернетот, имаат потреба од ваквите мајсторски раскажувања во кои минатото се глорифицира?

„Тоа е прашање кое се однесува на сите нации на Европа и светот. Националниот идентит во процесот на глобализација се ослабнува, а од друга страна - во меѓусебните средби се засилува. Прашувате: Дали на Грците им требаат мајсторските раскажувања? Би кажал дека им треба делумно објаснување како настанале овие мајсторски раскажувања. Од која потреба? На пример, важно било во средината на 19. век  Византиското царство да се пренесе во грчките раскажувања. Вакви процеси на објаснувања мора да има, но не во смисла дека ваквите раскажувања треба да се демонизираат, деконструираат, туку за да се добие подобар увид дека нациите делумно или во поголем дел се концепти кои се спроведуваат во практика, дека нациите не постоеле од секогаш, туку се производ на националните елити кои националната идеја, во форма на мајсторско раскажување, ја трансферирале до народот: преку училиштето, институцијата на семејството, војската. Младите во Грција препознаваат дека и Грците, и Македонците или Србите не се раѓаат како такви, туку тоа стануваат преку еден процес на национализирање на идентитетот што се случува преку државните институции. Во времето на глобализација, секако дека е потребно извесно укотвување. Затоа сметам дека овие мајсторки раскажувања не треба целосно  да се отстранат, туку јасно треба да се каже под кои услови се менуваат, развиваат и кога и како се ставаат под прашање“, подвлекува д-р Скордос.

Приоритет не е името?

Дека историјата се злоупотребувала од политиката не е новина, ниту завршена работа. Експертите кои се занимават со политиката за историјата сигурно ќе имаат уште многу работа. Во реалноста, пак, еден ваков пример од политизирање на историјата - македонско - грчкиот проблем околу името, никако да се симне од дневен ред. Грција последниве години има финансиски проблеми и се’ уште е силно зависна од солидарноста на останатите членки на Унијата. Дали ова не е погоден момент, во име на оваа солидарност, ЕУ да притисне врз Грција за конечно решавање на спорот со Македонија околу името? Би била ли Грција во една ваква ситуација  пофлексибилна?

Der Carnegie Bericht
И 100 години по Карнеги извештајот, историчарите трагаат по вистинските информации!Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Од една страна колку е Грција послаба во меѓународните организации, толку поголем е притисокот на партнерите од кои Грција економски е зависна. Од друга страна, верувам дека европските партнери токму сега сакаат владата во Атина да остане стабилна и не сакаат да ја ослабнат со други теми. Моментно е така што нема интерес владата на Самарас да се ослабне или да се оптовари со нови проблеми. Верувам дека грчката влада многу добро знае дека еден компромис околу името нема да може добро да го 'продаде' на народот, поради тоа прашањето го одлага“, објаснува  д-р Скордос.

Но, во која политичко-партиска констелација смета дека би можело да се реши спорот околу името? „Тешко е да се каже, зашто се забележува дека политичките партии во Грција многу брзо го менуваат курсот. На пример Самарас беше голем противник на меморандумите и сличните договори со Европската унија, со Тројката, но кога стана премиер, се трансформира во нивен најголем застапник. Приницпиелно десницата - Нова демократија се чувствителни за ова прашање, додека во најголемата опозициона партија Сириза има многу гласови кои сметаат дека овој спор што побрзо мора да се реши. Тешко е за ова прашање да се препознае официјалната линија на партиите, но има многумина од внатре кои кавгата ја сметаат за смешна“, коментира за ДВ д-р Адамантиос Теодор Скордос, од Одделот за Византиски и модерни грчки студии на Факултетот за историја и култура на Универзитетот во Виена.