Амазон - највредна компанија во светот
8 јануари 2019Амазон го надмина Мајкрософт (Microsoft) на листата на највредни компании во САД, откако превирањата на берзите доведоа до промена на листата на американски корпорации.
Промената на врвот се случи откако акциите на Амазон пораснаа за 3 насто и ја подигнаа пазарната вредност на интернет трговскиот гигант на 797 милијарди долари. Акциите на Мајкрософт пораснаа за помалку од 1 отсто, со што пазарната вредност на производителот на софтвери изнесува 784 милијарди долари.
Со тоа Амазон за првпат е највредната американска компанија со акции на брезата и е завршено кусото враќање на Мајкрософт на врвот, кога го надмина Епл (Apple) во ноември.
Повеќе:
-Кој може да го запре „Амазон“?
Превирањата се предизвикани поради загриженост дека трговската војна на администрацијата на Трамп со Кина и подигањето на референтните камати ќе ја забават светската економија. Ако тоа се случи, веројатно ќе се забави растот на компаниите од технолошкиот сектор и другите гранки на индустријата кои имаат голем дел од приходите надвор од САД.
Тоа е една од причините зошто многу акции на технолошките компании се далеку под своите рекорди. Амазон, на пример, е 21 насто под рекордот од септември кога неговата капитална вредност изнесуваше над 1000 милијарди долари.
Епл тогаш вредеше уште повеќе, но неговите акции загубија 37 насто од вредноста од октомври, односно околу 400 милијарди долари трговска вредност.
Епл ги потврди некои од најголемите стравови на инвеститорите, кога минатата недела предупреди на разочарувачка побарувачка за Ајфони, особено во Кина, поради што приходите во последното тромесечие се далеку помали од проекцијата на управата и на аналитичарите.