Американските ѕвезди клекнуваат против Трамп
26 септември 2017Наспроти неговите желби, играчите од повеќе клубови во американската професионална фудбалска лига- НФЛ, се обединија против Трамп. За време на викендот и во понеделникот стотици играчи од повеќе клубови клекнаа во знак на протест против испадите на претседателот на државата. Трендот на клекнување при изведувањето на химната го започна играчот на „Сан Франциско 49“, Кевин Каперник. Тој експресно беше отпуштен од клубот и оттогаш ниту еден друг клуб во земјата не сака да му даде договор. Каперник на тој начин сакаше да изрази протест против дискриминацијата и полициското насилство врз Афро-Американците во земјата. Но, во меѓувреме судирот ескалираше и сѐ повеќе спортисти, музичари и уметници се придружуваат кон протестот.
Трамп во меѓувреме во нов твит ги повика играчите во НФЛ да ја почитуваат химната. „Ставот со клечењето нема никаква врска со расата. Се работи за почит за нашата земја, знамето и национална химна. НФЛ мора да го почитува тоа!“, порача тој.
Во пресрет на почетокот на новата сезона во НБА- кошаркарската лига се најавува дека и тие би можеле да се приклучат кон протестите против Трамп.
Остри критики кон американскиот претседател пристигнаа и од еден од најдобрите светски кошаркари, Леброн Џејмс, кој го нарече Трамп „скитник“ и им даде поддршка на играчите од НФЛ.
„Народот е тој што ја води оваа држава. Не еден поединец- и сигурно не тој“, порача Џејмс.
Претходно, Трамп предизвика скандал и откако ја повлече поканата за посета во Белата Куќа на тимот на Голден Стејт Вориорс, актуелниот првак во НБА лигата. Традиционално, секоја година претседателот на државата приредува прием за шампионите во водечките спортски лиги во земјата. Повеќе играчи на Голден Стејт најавија дека нема да одат на прием кај Трамп дури и ако добијат покана.
Еден од најдобрите играчи на тимот, бекот Стивен Кари изјави дека Голден Стејт сака да заземе став со тоа што ќе ја одбие поканата за Белата Куќа.
„Имаме можност да испратиме порака со надеж дека таа ќе охрабри единство, ќе не охрабри да го цениме тоа што значи да бидеш Американец, и да заземе став за нешто“.