„Американците гласаат против, а не за една партија“
5 ноември 2014Бетина Клајн (ДЛФ): Би рекле ли дека е ова шлаканица за Обама?
Детјен: Не баш. Во САД имаме двопартиски систем и во моментов владее немир. Мислам, Обама во моментов не е особено омилен овде во САД. Но факт е дека тоа не значи безусловно и дека владее големо одушевување за републиканците. Во двопартиските систем Американците тендираат повеќе да гласаат против една партија, а не за една партија. Американците се чувствуваат до некаде нелагодно поради ситуацијата во Вашингтон и сакаат промени. На овие избори практично одлучија да гласаат против владеачката партија.
Рековте дека резултатот не треба да се толкува како вистинско ДА за Републиканската партија. Се сеќавам на ваквата реченица уште пред 4 години, кога републиканците го освоија Претставничкиот дом, меѓу другото и со помош на движењето „Ти парти“. Зошто се‘ уште ова не е вистинско ДА за партијата? Дали се‘ уште нема доволно содржина или можеби недостига персонално обновување?
Да, мислам дека е така. Факт е дека Републиканската партија нема јасна, недвосмислена, добра политичка програма и тоа во основа се должи на внатрешни тензии во рамки на партијата. Фактот дека републиканците освоија десет места плус во Претставничкиот дом е значаен. Колку е поголемо мнозинството на републиканците во Претставничкиот дом, толку е послабо влијанието на Ти парти-крилото. Резултатот од тоа е што шефот на пратеничката група Бенер ќе има малку повеќе простор за дејствување и флексибилност. Тоа би требало да помогне за соработка со претседателот на мнозинството во Сенатот, Мекконел.
Значи, сметате дека во Конгресот нема да има комплетна блокада ако во двата дома доминираат републиканците, туку дека ќе има поголема подготвеност за компромис, меѓу другото и околу можните проекти во последните две години од мандатот на Обама?
Тешко е да се каже дека ќе биде така. Јас всушност не би очекувал премногу од Конгресот и Белата куќа. Прво, се‘ уште има тензии во Републиканската партија. Освен тоа, има неколкумина сенатори во партијата кои се подготвени да се кандидираат за претседател на предизборите во рамки на партијата. Тие сакаат да се истакнат и за нив највисок приоритет е нивната кандидатура, а не да градат заеднички фронт со републиканските колеги во Сенатот. Освен тоа, во Белата куќа сигурно во наредните денови ќе има голема дебата - треба ли да соработуваме со републиканците или треба да останеме нефлексибилни? Во надеж дека за две години некои од републиканците во Сенатот кои своите места ги освоија во 2010 година ќе мораат повторно да се кандидираат и тоа во сојузни држави во кои избирачите двапати гласаа за Обама, можно е демократите да дојдат до заклучок дека е подобро да бидат нефлексибилни и да го остават Обама да владее помалку или повеќе со укази и декрети, без Конгресот и да се чека 2016 година во која можеби во кампањата за претседателските избори ќе се поврати мнозинството во Сенатот.