Амнести: Тешки времиња за човековите права
24 февруари 2016„Човечноста е мртва“- вака една жена од Јемен ги опишува своите чувства, стоејќи пред урнатините на едно училиште. „Бомбардирано е место каде децата учат, без претходно предупредување.“
Новиот извештај на Амнести интернешнал и‘ дава за право на жената. Мали се причините за надеж дека светот ќе биде подобар и помирен. Војните, насилството и прогонувањата се секојдневие на многу континенти и принудувуваат илјадици луѓе на бегство.
„2015 година веројатно е една од најлошите години на која можам да се сетам“, изјави генералниот секретар на лондонската централа на Амнести, Салил Шети во интервју за Дојче веле. „Загрозен е системот, кој меѓународната заедница го градеше цели 70 години за да ги заштити човековите права.“
Свест во светски рамки
Речиси нема регион во светот кој не е споменат во актуелниот извештај: станува збор за прогонување на активистите за човекови права и „исчезнувањето“ луѓе во Латинска Америка, Азија и Африка, за егзекутирање во САД и во Азија, уништувачки војни и граѓански судири во Африка и Блискиот Исток, кои на бегство тераат милиони луѓе, но и за прогонување на активистите за човекови права во тоталитарните држави низ целиот свет.
Според Салил Шети, ситуацијата е парадоксална. „Од една страна, државите станаа порепресивни. Борбата против теророт служи како аргумент за масовно надгледување, потиснување и ограничување на човековите права. Од друга страна, тоа е причина што се‘ повеќе луѓе се борат за своите права.“
Бегалци без права
Годишниот извештај на Амнести интернешнал севкупната ситуација со бегалците ја оценува како катастрофална. Од завршувањето на Втората светска војна во светот немало толку многу бегалци како денес. Но, без оглед што нивните права се цврсто пропишани, како со општата Декларација за човековите права, така и со Женевската конвенција за бегалците, бегалците во пракса често се обесправени. Европа и ЕУ, кои инаку важат за предводници во човековите права, во новиот извештај на Амнести не се истакнати за пример.
„ЕУ и натаму се залага за изолирање и се обидува да ги зајакне своите граници за да ги спречи и одврати бегалците да дојдат во Европа“, вели генералниот секретар на Амнести интернешнал во Германија, Селмин Чалискан во разговор за Дојче веле.
„Иако сите се свесни дека тоа нема да успее, сепак се инсистира на оградување, наместо конечно да се овозможат легални патишта за доаѓање и бегалците да бидат хумано згрижени во земјите во кои беа избегани, на пример во Либан, Јордан или во Турција.“
Чалискан: „Нагризана е нашата хуманост“
Шефицата на германскиот огранок на Амнести ја смета дискусијата околу контингентите за прием на бегалци за легална. Но, контингентите и горните граници за бројот на примени бегалци не смеат да ги стават вон сила човековите права, кои гарантираат и индивидуално право за барање азил во друга држава. Таа не го одобрува т.н. Азил пакет 2 на германската влада и означувањето на земји како Мароко, Тунис и Алжир за „безбедни земји на потекло“. Новите правила за азил навистина предвидуваат мерки за интеграција, но истовремено се уназадени правата на обезбеден престој, малолетните деца не можат да си ги доведат своите родители, ограничени се правата и на посебно трауматизираните лица, критикува таа.
Ова има последици и во општетсвото, истакнува Чалискан: „Нагризана е и нашата хуманост. Се создава поинаква нормалност, а тоа е опасно, зашто да се има благосостојба и сигурност е можно само ако се почитуваат човековите права.“