Ангела Меркел одбра погрешен лек против коронавирус
13 април 2021Бројот на новоинфицирани во Германија расте, исто како и на пополнетите кревети во одделенијата за интензивна нега во болниците. Затоа, на прв поглед изгледа логично и консекветно натамошно да се заострат ограничувањата и слободата на движење воведени во ноемри 2020. година. Досега 16-те сојузни покраини тоа и го правеа во договор со Ангела Меркел. Но, ако се прашуваше канцеларката, притоа насекаде требаше да важат исти правила. На тоа се спротиставуваат покраинските премиери – од добра причина: вирусот се шири регионално и со големи разлики.
Ситуацијата со инфекциите освен тоа брзо се менува. Области кои до скоро важеле за жаришта, денес бележат најниски вредности. Фленсбург во покраината Шлезвиг-Холштајн е само еден пример: во средината на февруари таму инциденцијата изнесуваше 185, а во меѓувреме според податоците од Институтот Роберт Кох, се симна на 54 (состојба на 13 април). Од околу 300 окрузи во Германија, актуелно само десет имаат пониски вредности.
Корона-кочница која не кочи
Многу показатели укажуваат дека пред два месеци привремено воведениот регионален локдаун покажува дејство. Фленсбург тогаш дејствуваше на своја рака и се покажа како релативно успешен. Но, ако бројките на нови инфекции повторно се движат во друг правец и ја преминат границата од 100, градот наскоро не би можел да оди по сопствено одбран пат. За тоа ќе се погрижи драстично заострениот Закон за заштита од инфекции, за кој Ангела Меркел инстистира што поскоро да се донесе во Бундестагот.
Тогаш ќе се активира т.н. кочница за итни случаи, која фактички не е тоа. Зашто, кочница значи апсолутен застој. Но, толку далеку канцеларката и партиите кои ја поддржуваат, вклучувајќи ги и опозиционите Зелени, не можат да одат. Сепак, освен продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи, би можело наскоро, на директива од Берлин, сѐ да биде затворено. Дури и во најзафрленото место, во села во кои не живеат ни сто жители.
Полициски час – израз на беспомошност
Дури и таму каде има повеќе кокошки и крави отколку луѓе, никој нема да смее да ги напушти сопствените четири ѕида, зашто од 21 часот до 5 часот наутро би бил воведен полициски час. Сомнителната оправданост на оваа мерка индиректно сѐ повеќе ја истакнуваат и експертите за аеросоли. Но, Ангела Меркел и другите загрижени веројатно пред очи ги имаат сликите на масовни забави и пијани младинци во германските паркови и плоштади.
Да, точно е дека постојат прекршувања на правилата. Но, како би било да се има малку поголема доверба во сопствената одговорност на луѓето, без оглед на нивната старост? А со апсурдни и нереални забрани во најлош случај се постигнува спротивноста: тајни среќавања и забави во станови и подруми. За потсетување: во затворени простории опасноста од ширење на инфекцијата докажано е најголема...
Никој нема патент-рецепт против коронавирус
Но, зошто Ангел Меркел смета дека на покраините треба да им биде изречена досега беспримерна недоверба? Можеби на тој начин сака да го сврти вниманието од своите сопствени и грешките на нејзината влада. Колку и да е оправдана критиката кон неединствената корона-политика на покраинските премиери, во борбата против пандемијата никој досега не докажал дека поседува траен, непобитен доказ за поседување патентиран рецепт. Затоа, погрешно е развластувањето на покраините и општините и одземањето на нивната одговорност.
Не е исклучено на канцеларката уште да ѝ е во коските хаосот кој во март самата го произведе со т.н.зајакнат локдаун на Велигден. Во таа прилика Меркел мораше да ја согледа нереалноста на своите ригидни и несозреани замисли, за што еден ден подоцна и се извини. Тоа што и покрај тогашната своја катастрофа сега се обидува да изврши политичко развластување на сојузните покраини, е авантуристички потфат.