1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ засега може само со Ангела Меркел

Бернд Ригерт
6 декември 2016

Опкружена со растечки популизам, Ангела Меркел мора да ги држи високо кренати знамињата на ЕУ. Барем уште некое време, истакнува Бернд Ригерт во следниов коментар.

https://p.dw.com/p/2T11r
Angela Merkel kandidiert erneut
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Таа има една голема предност - отсекогаш била тука. Барем така се чувствува. Ниту еден европски шеф на влада не е подолго на функцијата од Ангела Меркел. Меј, Ренци, Рахој, Ципрас, Оланд и други доаѓаат и заминуваат. Највлијателната политичарка во Европа е сѐ уште тука. Таа стои како карпа пред напливот на популизам и сѐ посилниот национализам во соседните земји. Сѐ уште. Таа има намера уште четири години да биде бастион и да кова европски компромиси. Една во кризни времиња непроценливо важна способност.

Но уште колку долго тоа ќе се одвива добро? Уште колку долго нејзиниот непретенциозен, па дури и понекогаш неемотивен начин да управува со ЕУ ќе биде доволен? Во Шпанија, Италија, Холандија, Данска, па дури и во Грција, владејачките политичари се единствени во ставот дека без Меркел не се може. Во Полска, Австрија, Унгарија, Велика Британија, а можеби и наскоро и во Франција, на тоа гледаат поинаку. Таму мадам Меркел, на пример, се смета за пречка на бегалската криза конечно да ѝ се стави крај со завршување на тврдината Европа.

Меркел е сѐ уште потребна

Но од растечкиот популизам пред сѐ од десниот спектар, како во Франција и Холандија, но и од левиот, како во Италија, Ангела Меркел не може самата да ја одбрани Европа. Зашто и во сопствената земја таа има еден растечки проблем. За приврзениците на „Алтернатива за Германија“, имено, Меркел не е без алтернатива. Напротив, таа за десничарските провокатори е омразена личност број еден. Доколку сака да спречи „Трамп-ефектот“ да ја зафати и Германија и анти-европските и националистички настроени незадоволници да станат премногу моќни, тогаш мора да смисли нешто за решавање на проблемот. А за тоа ѝ се потребни останатите Европејци.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

ЕУ мора да испорача препознатлива додадена вредност. Во спротивно, Унијата за Меркел во предизборната кампања за Бундестагот нема да биде адут, туку товар. Надоаѓачкиот Брегзит, непресметливиот американски претседател Доналд Трамп и пред сѐ рускиот претседател Владимир Путин, со кого наизглед не може да се направат никакви калкулации, би можеле силно да ја ограничат способноста за дејствување на ЕУ и да ја стават на тест солидарноста на Европејците. Канцеларката мора да се бори на многу различни фронтови. Како ќе се однесува ЕУ со Меркел на чело, ако Трамп и Путин се согласат на „прагматични“ соработки? Тоа ќе биде многу тешко. 

Во мачо клубот

И тука е уште и автократот Реџеп Таип Ердоган, чија соработка ѝ е потребна на Меркел. Само со Турција функционира одвраќањето и задржувањето на бегалците на југоисточната граница на Европа. Одамна канцеларката се преориентира од политика на отворени на политика на затворени граници за бегалците. Тоа наскоро сака да го спроведе и во Средоземното море со помош на Италија и северноафриканските држави. Само така може да ѝ ги одземе аргументите на анти-миграциската партија АФД, но и да ја држи мирна сестринската партија - Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Едноставно „Само така натаму!“ нема да ѝ биде доволно на Меркел во наредните пет години, се разбира под услов да победи на изборите во Германија. Тоа „Само така натаму!“ досега не успеа да го запре подемот на популистите. Таа мора да развие нови идеи, за да може да постапува против фрустрацијата, ксенофобијата, игнорантноста и мачо-клубот - од Вашингтон преку Москва до Анкара. Можеби ќе успее во тоа. И тука не станува збор толку многу за Меркел како личност. Многу повеќе станува збор за неопходноста за стабилно европско сидро во центарот. Стабилна, економски успешна и отворена Германија - и за тоа се залага Ангела Меркел. 

Но доколку Франција во мај наредната година на претседателските избори падне во рацете на десничарските популисти од „Националниот фронт“, тогаш е сѐ готово. Против националистички настроена Франција, дури и силна жена како Ангела Меркел не ќе може ништо да направи во Европа. Марин Ле Пен и Ангела Меркел? Ништо веќе нема да функционира.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија