1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел избрана за германски канцелар

БГ
14 март 2018

Ангела Меркел денеска по четврти пат едноподруго беше избрана за германски канцелар. Новата германска влада е повторно составена од двете најголеми партии во земјата, демохристијаните и социјалдемократите.

https://p.dw.com/p/2uHrI
	
Deutschland Bundestag Angela Merkel
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Со 364 гласа „за“ и 315 гласови „против“, пратениците во германскиот Бундестаг утрово ја изгласаа новата германска влада која четврти пат по ред ќе ја предводи лидерот на ЦДУ, Ангела Меркел. Претседателот на државата Франк-Валтер Штајнмајер потоа и формално ја именуваше Меркел за сојузна канцеларка. Меркел само кусо одговори „Го прифаќам гласањето“, по што со аплауз беше поздравена од пратениците.
За Меркел, политички ветеран која 12 години е на чело на владата, церемонијата означи крај на најтешкиот период во нејзината кариера.
Уште на почетокот на својот четврти мандат Ангела Меркел се соочува со тешка задача: да ги убеди гласачите дека по 12 години владеење, таа сѐ уште може да понуди нешто ново. Веројатно свесна за овој предизвик, Меркел и самата најави обнова која ја започна од нејзината нова влада. Во неа место најде само една министерка од претходната влада, Урсула фон дер Лајен која и натаму ќе го предводи ресорот одбрана. Сите други министри се релативно нови лица, барем за светот.
Со лошиот резултат на нејзината партија на парламентарните избори во септември Меркел ја загуби аурата на неприкосновен лидер. Критиките сѐ почесто доаѓаат и од нејзината партија, а општеството делува остро поделено особено по подемот на десните радикали од АФД.
Меркел се надева дека новите лица во владата ќе ја донесат потребната свежина. На внатрешен план се најавуваат големи инвестиции во инфраструктурата и дигитализацијата, и засилена и поквалитетна интеграција на стотиците илјади мигранти.
Но, вистинските предизвици се во европската и надворешната политика. Оттука и самиот наслов на владината програма го носи насловот „Нов поттик за Европа“.
Новата влада сака генерално да ја зајакне ЕУ и, заедно со Франција, да ја реформира еврозоната. Официјален Берлин се залага за нов инвестициски буџет за еврозоната, а Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) би требало да биде претворен во вистински Европски монетарен фонд кој на државите-членки би им помагал во случај на проблеми, а контролата над него треба да ја има Европскиот парламент. Дополнително, Германија е подготвена и да уплатува поголем износ во буџетот на ЕУ со цел да се намали минусот поради заминувањето на Велика Британија.
Што се однесува до Западниот Балкан, во коалицискиот договор на новата германска влада се најавува продолжување на поддршката на перспективата за влез во ЕУ на земјите од регионот, но се бара и засилено темпо на реформи од нив, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Новото лице на германската надворешна политика во тој дел ќе биде Хајко Мас, социјалдемократ кој досега раководеше со министерството за правда. Неговиот претходник Зигмар Габриел и даде големо значење на поддршката за земјите од Западниот Балкан, а од Мас се очекува да ја продолжи таквата политика.
 

Deutschland Bundestag Kanzlerwahl
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид