Најавен крај на корона-мерките во Англија
6 јули 2021Нема да мора веќе да се држи растојание или да се носи маска, ноќните клубови и дискотеките може да отворат, кината, стадионите, театрите може да ги пополнат сите места. Предуслов за тоа, меѓутоа, е податоците кои ќе се добијат при проверката на ситуацијата со пандемијата на 12 јули да овозможат целосно отворање. Тогаш ќе биде донесена конечната одлука.
Во Велика Британија во последно време е значително зголемен бројот на новоинфицирани со коронавирус, поради ширењето на Делта-сојот. Затоа од страна на научниците, синдикатите и опозицијата доаѓаат критики на сметка на премиерот и неговите намери. Здружение на роднини на жртви на Ковид-19 го обвини Џонсон дека делува како пандемијата да е победена, а опозицискиот лидер Кир Стармер од Лабуристичката партија ги нарече плановите на премиерот „безобѕирни“. Наспроти тоа, претставниците на економијата реагираат со олеснување и задоволство.
Здравствената политика во Обединетото Кралство е во надлежност на регионалните влади. Џонсон е одговорен само за најголемиот дел од земјата - Англија, кој нема сопствена влада. Шкотска, Велс и Северна Ирска одлучуваат сами за корона-мерките.