1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Како осомничен за тероризам ги избегна германските власти?

Луис Сандерс
19 јануари 2017

Повеќе од 40 агенции работеле на случајот на осомничениот атентатот уште пред нападот во Берлин. И покрај решението и претстојната депортација, службите не успеаа да го сопрат, дури и кога бил на нивниот радар.

https://p.dw.com/p/2W2XH
Fahndungsfotos des gesuchten Tunesiers Anis Amri
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Dedert

Кога германските власти објавија дека Анис Амри, туниски државјанин осомничен за нападот на Божиќниот панаѓур во Берлин во кој загинаа 12 луѓе, бил на нивниот радар повеќе од една година, се постави прашањето како и зошто тој не бил уапсен порано.

И покрај сомневањата за сторен ситен криминал, неуспешната апликација за азил и изјавата пред доушник на безбедносните служби дека сака да изврши напад во Германија, 24 годишниот успеа да се провлече низ распространетата мрежа на службите за национална безбедност.

Клеменс Бинингер, заменик претседател на парламентарната комисија за надгледување на службите за безбедност, во вторникот за јавниот сервис Дојчландфунк изјави дека „на федералното ниво треба да постои појасно лидерство" со цел да се справи со опасноста од тероризам откако нападот на Амри резултираше со 12 мртви и неколкумина повредени.

„Во изминатата година и пол, во случајот на Амри беа инвловирани околу 45 државни служби и агенции, вклучувајќи полициски станици, информативни сервиси, регионални полициски агенции, Федералната полициска агенција за криминал, странски служби, министерството за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, како и јавни обвинители. Вкупно околу 45. Како е возможно да се постигне униформна процедура?“ изјави тој.

Иако случајот Амри помина низ десетици служби инволвирани во контратерористички активности, неговото ноторно провлекување низ пукнатините на разузнавачките и имиграциските служби предизвика загриженост дека на безбедносните агенти и служби им се потребни повеќе алатки за побрзо справување со можните опасности.

Хорор на божикен панаѓур во Берлин

 „Радикален ум"

Според минхенскиот весник Зидојче цајтунг, во ноевмри 2015 година, Амри, не сакајќи, на доушник на Сојузната полициска агенција за криминал (БКА) во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија му изјавил дека сака да „направи нешто во Германија“ и дека може да набави пушка автоматска пушка АК-47 со цел да изврши напад.

„Начинот на однесување на Амри укажува кон можно интензивирање на планирањето на напад и го потврдува степенот на неговиот радикално исламистички ум", објави Зидојче цајтунг, цитирајќи документ од безбедносните служби.

Иако Амри во март 2016 година бил ставен под надзор на безбедносните служби, поради големата веројатност дека ќе изврши екстремистички напад, во септември истата година, властите го прекинале набљудувањето затоа што не успеале да ги потврдат сомнежите.

Хамбуршкиот неделник Шпигел објави дека германските безбедносни служби го класифицирале Амри како „малку веројатна" закана, опишувајќи го како обичен „поттрчко“ поврзан со радикалниот ирачки свештеник Абу Вала.

Иако повеќето информации добиени од покраинските безбедносни служби биле доставени до германскиот Заеднички антитерористички центар (ГТАЦ), „заедничка платформа за операции и комуникации која ја користат 40 домашни безбедносни агенции", министерот за правда на Германија, Хајко Мас, изјави дека против Амри не можеле да бидат преземени дејствија поради недостиг на инкриминирачки докази.

Infografik Anis Amri Aktualisierung nach Tötung in Mailand ENGLISCH
Рутата на Амри по бегството од Германија

Прашањето на Северна Рајна-Вестфалија

Во меѓувреме, во јули 2016 година, имиграциските власти во Северна Рајна-Вестфалија ја одбиле апликацијата за азил на Амри и притоа го означиле како подобен за депортација. Истовремено, Тунис, земјата од која потекнува Амри, не го признава неговото државјанство и со тоа ја блокира Германија во обидите да го депортира.

Додека германските власти го чекаат официјалниот пасош на Амри за да го спроведат депортирањето, Тунис го потврдува неговиот идентитет и во октомври ги предава личните податоци на неуспешниот азилант.

Бинингер, кој исто така ја врши функцијата советник за безбедност во владејачката конзервативна партија, Христијанска демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, прашува зошто безбедносните служби во Северна Рајна-Вестфалија не го уапсиле неуспешниот азилант по добивањето на неговите лични податоци.

Според Бинингер, Амри можел да биде задржан по потврдувањето на неговиот идентитет и доставувањето на неговите податоци од страна на Тунис, затоа што германските закони дозволуваат задржување на барателите на азил доколку се очекува нивна депортација во рок од три месеци.

„Прашањето е: зошто властите во Северна Рајна-Вестфалија од октомври не направиле ништо за да го фатат и да го задржат за депортација?", прашува Бенингер.

Исчезнати тројца потенцијални терористи

Официјалните лица во Германија се обврзаа дека ќе го решат прашањето на депортација за неуспешните баратели на азил кои претставуваат можна опасност.

Министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер и министерот за правда Хајко Мас на почетокот на овој месец предложија задржување пред депортација до 18 месеци или мониторинг со зглобни бразлетни. Други мерки се олеснување на депортацијата и засилување на надзорот на потенцијално опасните индивидуи.

Според Томас де Мазиер, во Германија има повеќе од 500 поединци кои се класифицирани како потенцијална опасност, а приближно половина од нив не се германски државјани.

Според новинската агенција ДПА, парламентарецот Буркхард Лишка од Социјалдемократската партија (СПД), коалициски партнер на ЦДУ, во вторникот пред германскиот парламентарен комитет изјавил дека три од овие лица исчезнале од радарот на властите.