1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкара: Апелот од ЕУ до Турција е безвреден

Ж. Ацеска
14 март 2017

Турција го отфрла апелот од ЕУ за деескалација, ги замрзнува дипломатските односи со Холандија. Ердоган првпат вербално ја нападна лично и германската канцеларка Меркел.

https://p.dw.com/p/2Z7m4
Türkei Ankara Abriegelung Botschaft der Niederlande
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

„Кратковидото соопштение на ЕУ за нашата земја нема никаква вредност“, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи. Брисел вчера од Анкара побара „да се воздржи од пребрзани изјави и постапки кои се закануваат натамошно да ја заострат ситуацијата“. Турскиот претседател Ердоган на властите во Холандија, како и претходно на Германија, во спорот околу откажаните јавни настапи на турски политичари, им префрли употреба на нацистички методи.

Турција посегна по невообичаено остри мерки во дипломатскиот спор со Холандија, анулирајќи ги сите закажани средби на високи по ранг претставници на Анкара со холандски претставници, сѐ додека „Холандија не го поправи она што се случи деновиве и не се извини писмено“. Холандскиот амбасадор во Анкара, кој моментно не се наоѓа во Турција, засега не е пожелен таму. Холандскиот премиер Руте категорично отрфла потреба од свое извинување и инсистира тоа да го направи Анкара. Холандските власти на викендот не му дозволија влез во земјата на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и настап на митинг во функција на агитирање за претстојниот референдум за уставни промени во Турција, а турската министерка за семејство Каја, со полициска придружба беше испратена до германската граница.

Türkei PK Angela Merkel
Вербален атак на Ердоган против МеркелФотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Германската влада се обидува да ја деескалира кавгата со Турција. Заострени се и мерките против курдската ПКК, што Турција одамна го бара. Но, турскиот претседател Ердоган во својата критика сега цели директно кон германската канцеларка Ангела Меркел. „Почитувана Меркел, ти поддржуваш терористи“, изјави тој синоќа во интервју за турската телевизија „А Хабер“, имајќи ја во вид забранетата курдска Работничка партија ПКК. Германија не презема мерки против ПКК, иако во земјата таа е прогласена за терористичка организација, а истовремено и крие членови на терористички организации, рече Ердоган.

Штефен Зајберт, портпарол на владата во Берлин, ги отфрли обвинувањата како очигледно погрешни. Германската влада на почетокот на овој месец ја прошири забраната на ПКК, која е во сила од 1993. година. Во иднина, покрај другите партиски симболи, не смее јавно да се покажува ни портретот на лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, кој од 1999 година се наоѓа во затвор.  Спорот околу затворањето на турско-германскиот новинар Дениз Јуџел и откажаните настапи на турски политичари во Греманија моментно се тешко оптоварување на германско-турските односи. Незадоволството во Анкара го зголеми и вчерашната демонстративна поддршка на канцеларката Меркел за холандската влада, која исто така е во дипломатска битка со Турција.