1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкара и Атина стремат кон дијалог

СН/ агенции
6 февруари 2019

Односите меѓу Турција и Грција се обележани од кризи - суверените права во Медитеранот, Кипар, миграцијата и наводните пучисти. Сега двете земји се обидуваат да најдат заедничка основа за разговор.

https://p.dw.com/p/3CnfG
Türkei Treffen Erdogan und Tsipras in Ankara
Фотографија: Reuters/U. Bektas

На крајот, имаше нешто како најмал заеднички именител во собата: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Алексис Ципрас разговараа за неопходното унапредување на честопати кризните односи меѓу нивните две држави.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчеравечер изјави дека проблемите со Грција можат да се решат по „мирен пат“, додавајќи оти постојат несогласувања, особено кога станува збор за екстрадиција на обвинетите за неуспешниот воен удар во Турција.

„Мислам дека сите проблеми со Грција можат да се решат по мирен пат“, рече Ердоган на заедничката конференција за новинари со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Турскиот претседател изрази надеж дека со Грција ќе биде воспоставена подобра соработка во врска со предавањето на турските војници кои побегнаа во Грција, а се товарат оти учествувале во неуспешниот државен удар во јули 2016 година.

Griechenland Geflohene türkische Soldaten nach Putsch
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Mehmet

Ципрас на конференцијата изрази задоволство што останале „отворени каналите за комуникација“ помеѓу Атина и Анкара.

Грчките медиуми, пак, видоа „мали и претпазливи чекори за приближување" помеѓу двете земји.

Грчкиот премиер, кој вчера допатува во дводневна посета на Турција, денеска би требало да се сретне со вселенскиот патријарх Вартоломеј.