1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антипод

13 март 2019

Претседателските избори во голема мерка ќе бидат обоени од односот кој гласачите го имаат кон сегашниот шеф на државата. Во архетипска смисла Иванов ќе биде кандидатот со кој ќе се споредуваат претендентите на изборите.

https://p.dw.com/p/3EvOS
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Како што се наближуваат претседателските избори, така се засилува општата фама околу кандидатите, прогнозите, реториката и наративите на кандидатите. Иако изборот на претседател не е најзначајниот политички фактор во Македонија, сепак, овие избори имаат малку поголемо влијание на општата политичка состојба од обично, па така анализата на предизборниот период може да даде суштински увид во атмосферата која треба да ја очекуваме до мај. Еве кои се, според мене, најважните фактори кои ќе влијаат на овие избори.

Прво, изборите ќе бидат во голема мерка обоени од односот кој гласачите го имаат кон сегашниот претседател, Иванов. Во архетипска смисла, тој е, всушност, кандидатот со кого ќе се споредуваат претендентите во овие избори. Иванов, што не е некакво големо изненадување, одлучи да го заврши мандатот во тотална конфронтација со власта, и на целосна анти-западна линија. Ваквата позиција, која е дополнително засилена со последните потези за непотпишување на законите на кои стои новото име на државата, го турка Иванов во целосен радикален десен наратив, па со тоа, целосно го отуѓува од мнозинството граѓани на државата, кои или ги поддржуваат евроинтеграциите, или сметаат дека Преспанскиот договор е нужен па затоа го прифаќаат. Ваквата позиција има двојна улога во електоратот – ги консолидира радикалните македонски гласачи околу таа платформа, но истовремено неповратно ги отуѓува сите останати, особено Албанците. Со тоа, најголем дел од гласачите ќе сакаат на овие избори да изберат целосен антипод на Иванов, односно некој кој е целосна спротивност на сегашниот претседател. Овој сентимент оди во полза на Пендаровски, а на штета на Силјановска, која на извесен начин, претставува континуитет на политиките на Иванов, особено на анти-западната линија.

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Второ, на изборите ќе влијаат позициите и наративите на кандидатите и нивниот однос по клучните прашања со кои се соочуваме во моментов.  На оваа линија Пендаровски ќе се соочи со предизвик во однос на незадоволството кое постои од динамиката на исполнување на владините проекти и реформи, па постои ризик дел од таквата негативна емоција да се пренесе на него како претседателски кандидат, особено доколку биде ставен во позиција да одговара во име на СДСМ или на Владата. Сепак, тука ВМРО ДПМНЕ, па со тоа и Силјановска, имаат посериозен проблем во наративот, кој ќе се засилува како што поминува времето.  Имено, кампот околу Силјановска по се изгледа дека ќе ја фати линијата на „македонштината” на сметка на евроатлантските интеграции, дека нема да направи критична разлика со претходните политики на ВМРО ДПМНЕ, па со тоа, ќе комуницира една линија на отпор кон новата реалност во Македонија. Тоа е губитнички наратив, особено што противењето на НАТО, ЕУ, Преспанскиот договор и западните вредности кои тие оски ги промовираат, е приказна која венее, која нема иднина, особено кога е поврзана со апологетство кон претходните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Така, тешко е да се замисли дека Силјановска би имала голем успех на изборите ако главните оски бидат (1) „Груевски, Јанакиевски, Чавков, и останатите се невини, ова е политички прогон”, (2) “на 27 април се случи спонтан собир на патриоти а не организиран напад на институција”, и (3) „Преспанскиот договор треба да се поништи и да се вратиме назад на ФИРОМ”.  Овие тези, ако останат на нив, само ќе продолжат да ги оддалечуваат од електоратот како реално небулозни.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Фоторобот за претседател

-Од тука е сѐ надолу

-Помеѓу Руска салата и Кока Кола

Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Трето, важно ќе биде каква кампања ќе водат партиите и партиските стратегии. По мене, СДСМ повеќе ќе се фокусира на меѓународната политика и ќе се држи до ингеренциите на претседателот, обидувајќи се кампањата да ја сведе на борба исклучиво на Пендаровски и Силјановска, во која Пендаровски има предност.  ВМРО-ДПМНЕ, напротив, ќе се обиде да води двојна кампања: првата, на линија Пендаровски-Силјановска, ќе биде кампања за консолидација на десните гласови, и таму ќе се промовира патриотизам и национал-романтизам во обид за консолидација на крајно десниот електорат, додека борбата за центарот и неопределените ќе се води од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе ги напаѓа политиките на владата, економијата, реформите, во обид да го јавне незадоволството кое постои од постигнувањата на тоа поле. Така, мислам дека треба да очекуваме кампања која ќе наликува на емотивен дуел на претседатели, но истовремено чиста парламентарна кампања од штабовите на партиите, особено од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа не носи до четвртиот фактор, кој можеби е и најважен. Имено, главниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е консолидација на нивното гласачко тело, односно демонстрација на сила. Имајќи предвид дека раководството мора да покаже дека партијата е се уште сплотена, и под нивна команда, инаку столицата им се ниша, борбата ќе биде во првиот круг да се освојат гласови исто или повеќе од последните локални избори. По тој резултат ќе се мери дали новото раководство на партијата има иднина. Затоа, за ВМРО-ДПМНЕ е важно да се претстави како вистинска алтернатива, а не распадната партија која нема иднина.  Затоа, Мицкоски ќе се труди со сите сили, да го придобие секој можен глас, да направи внатрешно помирување, и да ги извади сите поддржувачи на гласање. Но, трикот е што сите тие потреби завршуваат со првиот круг, освен доколку Мицкоски не добие неочекувано многу гласови, па да инсистира на предвремени парламентарни избори. Но, ако тоа не се случи, ВМРО-ДПМНЕ реално нема никаква потреба да учествува во вториот круг само заради цензус, особено ако предноста на Пендаровски, која е очекувана во првиот круг, се покаже како статистички ненадоместлива. Така, се актуелизира ризикот од тивок бојкот во вториот круг, особено што на Мицкоски му одговара продолжена парламентарна и политичка криза, во која диловите во парламентот ќе останат актуелни. 

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien Stevo Pendarovski
Фотографија: Petr Stojanovski

На крајот, гледам дека дел од наративот на опозицијата (особено најдесните), го портретира изборот на претседателот како втор референдум за Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции.  Ова, иако е малцинска платформа, може да ја наведе опозицијата во ново „космичко” тврдење, на пример дека недостатокот на цензус во вториот круг значи отфрлање на договорот, слично како што тврдеа за референдумот, па така, неизбирањето на претседател би го поистоветиле со барање за поништување на договорот од Преспа. Ова е реален ризик за изборите, кој може да не втурне во продолжена криза. Затоа, квалитетот на процесот е клучен, за да не остави простор за оправдување на бојкотот. Тој, ако се случи, мора да остане чисто политички проект на ВМРО-ДПМНЕ, за кој самите ќе мораат да платат цена. Се друго би не втурнало во нова голгота.