Асанж за ДВ: ЦИА складира милиони податоци
23 март 2017Во САД постојат 16 различни разузнавачки агенции. Во 2017 тие ќе ги чинат американските даночни обврзници 70 милијарди долари - речиси двојно повеќе од годишниот германски буџет за одбрана. Дистрибуцијата на парите меѓу американските служби е тајна, но откритијата на Едвард Сноуден во 2013 сугерираат дека ЦИА го добива најголемиот дел. Во 2013, таа сума беше околу 15 милијарди долари. Но и покрај огромните суми, ЦИА има еден голем проблем - не може да ги сочува сопствените тајни. На 7 март, свиркачката платформа Викиликс почна да објавува тајни документи на ЦИА во акција именувана како „Волт“ (Трезор).
Платформата досега објави 9 илјади документи кои ги откриваат хакерските методи на ЦИА, голем број од нив развиени од тимот на хакери сместен во американскиот конзулат во Франкфурт, и користен низ цела Европа. Во интервју за ДВ, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж вели дека германската влада сѐ уште не одговорила на откритијата - со исклучок на една изјава на Јавниот обвинител, кој најави дека ќе испита дали германскиот закон е повреден. Асанж вели дека недостатокот на сериозна реакција „тажно ја открива релативната слабост на германската влада во однос на САД“.
Асанж најавува дека во следните месеци ќе бидат објавени нови документи на ЦИА. „Досега објавивме само еден процент од материјалите, допрва ќе следуваат 99 проценти од документите“. Тој тврди дека ЦИА создала сопствена верзија на НСА, која е специјализирана за електронска шпионажа.
„ЦИА стана огромна хакерска шпионска агенција“, вели тој. „ЦИА потоа складира огромно количество на сајбер оружје - стотици милиони кодни линии, повеќе од сиот Фејсбук, во сајбер оружје. А потоа, ја загуби контролата над нив“.
Според Викиликс, објавениот материјал доаѓа од изолирана и високо заштитена мрежа во рамките на „Центарот за сајбер разузнавање на ЦИА“ во седиштето во Лангли, Вирџинија, кое не е поврзано со интернет. Асанж објаснува дека сајбер оружјето во себе крие особено голем ризик од ширење затоа што е составено само од информација - т. н. код. Тоа го прави поседот на средства за сајбер напади особено опасен.
Американските фирми работат со владата
Компаниите чии продукти веројатно се компромитирани од алатките на ЦИА веќе се информирани за откриените слабости од страна на Викиликс, вели Асанж за ДВ. Европските фирми реагирале брзо. Американските технолошки компании, од друга страна, биле порезервирани- со исклучок на интернет провајдерот Мозила. Останатите компании погодени од хакерските алатки на ЦИА, како Гугл, Мајкрософт и Епл, едноставно само ја препратиле понудата од Викиликс да им се достават дополнителни информации до своите правнички оддели.
Асанж тврди дека тоа е така оти тие компании соработуваат со американското разузнавање. Тоа е и причината поради која толку многу вработени во тие компании имаат безбедносен сертификат на американската влада, особено оние кои работат во одделенијата за сајбер безбедност.
„Вплетканоста на овие компании и нивната блискост со владата на САД, значи дека досега, тие не беа во можност да ги заштитат своите корисници од напади од страна на ЦИА или на НСА“, вели Асанж.
Проценките на Асанж се слични со оние на финскиот сајбер експерт Мико Хипонен. На обраќањето на саемот Цебит во Хановер, Хипонен предупреди дека светот се соочува со почеток на нова трка во вооружување која овојпат ќе се води во сајбер просторот.