1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека – непопуларната вакцина

Сабине Кинкарц
22 февруари 2021

До септември во Германија треба да биде вакциниран секој што ќе сака. Но, овој есап може да излезе само ако се користат и милиони дози од вакцината на АстраЗенека.

https://p.dw.com/p/3pgpy
Weltspiegel 16.02.2021 | Corona | Impfstoff Astrazeneca, Portugal
Фотографија: Octavio Passos/Getty Images

Шест редари стојат на одредено растојание на широката и празна улица која води кон сега веќе затворениот аеродром Берлин Тегел. Нивните жолти безбедносни елеци светат на сонцето.

Нивна задача е да го обезбедуваат пристапот до центарот за вакцинација против корона кој се наоѓа во некогашната зграда на терминалот Ц на аеродромот. Но, немаат многу работа. На час доаѓаат тројца до петмина кандидати за вакцинирање вели еден од нив на нашето прашање. „Не повеќе од тоа“, додава тој. Овде се вакцинира исклучиво со вакцината на британско-шведската фармацевтска корпорација АстраЗенека.

Поради недоволно студии за нејзината ефикасност кај постари лица оваа вакцина во Германија е дозволена само за луѓе под 65 години. Во оваа група засега се вакцинираат само оние кои имаат некакви хронични или други болести или лица кои поради работата се изложени на висок ризик од зараза.

Deutschland Berlin Impfzentrum Berlin Tegel
Фотографија: Sabine Kinkartz/DW

АстраЗенека „дреме“ во ладилниците

Пред се докторите, негувателите и медицинските сестри често ја одбиваат вакцината на АстраЗенека бидејќи се смета дека не е ефикасна против раширените мутации за разлика од мРНК вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна. Според податоците од Роберт Кох институтот од достапните 736.000 дози од АстраЗенека во цела Германија до сега се искористени само 87.000.

Повеќе:

-Германците ја одбиваат вакцината на АстраЗенека

-Вакцината на АстраЗенека ќе се тестира врз деца и млади

-Студија: Вакцината на АстраЗенека спречува пренос на коронавирусот

Звук на мотор ја нарушува тишината околу центарот за вакцинација на аеродромот. Пристига автобус кој редовно сообраќа овде. Се симнуваат три млади жени. Тие се медицински персонал во една приватна ординација во Берлин. „И јас бев скептична во однос на вакцината од АстраЗенека и се мислев дали да се вакцинирам со неа,“ вели една од нив која како што е предвидено со протоколот на редарот му ја покажува потврдата за терминот за вакцинација. Нејзиниот шеф сеопфатно ја информирал за сите сознанија околу оваа вакцина, но клучна била и позитивната оценка од познатиот германски виролог Кристијан Дростен. „Тоа ме убеди“, вели младата жена пред да се качи во шатл-автобусот кој треба да ја однесе до центарот за вакцинација.

Weltspiegel 18.02.2021 | AstraZeneca - Impfstoff
Фотографија: Stephane Mahe/REUTERS

Недоволна комуникација

АстраЗенека е подобра отколку имиџот кој го има во јавноста, рече вирологот Дростен во неговиот редовен радио подкаст „Корона-вирус апдејт“. Постојат многу недоразбирања и лоша комуникација. Со сличен став е и политичарката и експерт за здравство, Кордула Шулц – Аше од Зелените. Скепсата кај населението се должи на “навистина фатално лоша комуникација“, вели Шулц – Аше за весникот Ди Велт. Премалку се објаснува и се шират „хорор приказни“ за нејзината ефикасност.

„Да се каже дека вакцината на АстраЗенека е од втора класа е сосем погрешно и од научен аспект, и од аспект на влијание во јавноста,“ коментира Карстен Вацл од Германското здружение за имунологија (ДГфИ) во интервју за Аугсбургер Алгемајне Цајтунг. За да се подобри прифаќањето на вакцината, тој предлага да се гарантира дека ревакцинацијата ќе биде биде со друга вакцина. „ Имунитетот кој кај вакцинираниот го активира вакцината на АстраЗенека, без проблеми подоцна може да се зајакне и со мРНК вакцина“, тврди тој.

До вакцина, како на лотарија

Берлин го укинува правото на избор

Клаус Рајнхард, претседател на Лекарската комора на Германија, нагласува дека вакцината на АстраЗенека спречувала тешки или смртоносни форми на вирусот “слично ефективно” како и вакцината на Бионтек/Модерна. За лекарите и негувателите кои се помлади од 65 години било „неадекватно” да инсистираат на друга вакцина, смета тој. Тие морале со оглед на недостигот на вакцини да останат резервирани за постарите лица. Берлин е единственото место во кое до сега човек можеше да бира која вакцина ќе ја прими. Тоа сега се менува. “Нема право на избор кога е АстраЗенека во прашање”, вели сенаторката за здравство на Берлин, Дилек Калајчи од Социјалдемократите. Во различните пунктови за вакцинација има различни вакцини, појаснува таа, но кога некој е помлад од 65 години нема право на избор.

Оној што не може да бира вакцина, можеби ќе избере да не се вакцинира

 Одлуката на Калајчи ја следи препораката на Постојаната комисија за вакцинации при институтот Роберт Кох, дека вакцини кои се препорачуваат за лица меѓу 18 и 65 години “приоритетно” да бидат давани на таа возрасна група. Но, тешко дека препораката ќе ја смени скепсата во однос на британско-шведската вакцина.

Последицата би можела да биде помлади лица воопшто да не прифатат да се вакцинираат. Од многу делови на земјата стасуваат вести за отсуства од работа по примање на вакцината на АстраЗенека. Во клиника во Брауншвајг од 88 вработени 37 не се појавиле на работа ден по вакцинирањето заради појава на нусефекти. Клиниката потоа ја прекина вакцинацијата за да не го загрози тековното работење во болницата.

Нормално е вакцината да покаже реакции

За фондацијата за заштита на пациенти нус појавите од корона вакцината не се ништо ново. Уште во јануари вработени во болници и домови за стари лица пријавувале дека имаат реакции на вакцината од Бионтек/Фајзер и Модерна, но тоа речиси и да не било забележано од пошироката јавност.

Лекарите велат дека нуспојави како главоболка, болка во зглобовите или температура не се ништо невообичаено по примањето вакцина. Кај млади лица почесто се забележуваат нуспојави бидејќи имуниот систем им е поактивен и реагира на вакцина посилно отколку имуниот систем на постари лица.

Дали може да се исполни планот за имунизација?

Од Централниот институт за здравствена заштита изразија загриженост дека задршките во однос на вакцината од АстраЗенека би можеле значително да го одлговлечат планот за имунизација во Германија. Во моментов проценките на германската влада се дека до септември годинава сите кои сакаат да се вакцинираат ќе може тоа и да го сторат. Но, според пресметките на институтот ова може да се одлговлечи за два месеца доколку не дојде до подобро пифаќање на вакцината од АстраЗенека.

Шател службата која ги донесе тројцата здравствени работници на нивниот термин за вакцинирање во Берлин Тегел веќе е заминат. На другата страна од улицата се појавува втор автобус кој враќал двајца вакцинирани. Возачот излегува на сонце и пали цигара. Има време колку сака. Нови патници со термин за вакцинација нема ни во најава.  

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ