1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атинската пресуда за турските војници со експлозивна сила

Јанис Пападимитриу
27 јануари 2017

Врховниот суд на Грција одби екстрадиција на осумте турски офицери, кои по обидот за пуч во Турција, побегнаа во соседната држава. Анкара достави ново барање за испорака.

https://p.dw.com/p/2WV5u
Griechenland Prozess Soldaten aus der Türkei
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека Анкара поднесува ново барање за екстрадиција на осумте турски офицери кои побегнаа од татковината и побараа азил во Грција. Барањето следува по вчерашната пресуда на грчкиот Уставен суд и отфрлањето на испорачувањето. 

Во Турција постои опасност од непочитување на правото, која не дозволува примена на прописите за испорачување, не постои сигурност дека побегнатите офицери во татковината ќе добијат фер судење, гласи аргументацијата за донесената одлука на судиите во Врховниот суд на Грција. За шестмина од вкупно осум офицери, кои по неуспешниот обид за пуч во Турција побегнаа во соседната земја, одлуката била едногласно донесена. За двајца офицери имало само еден глас за испорачување. Одлуката е правосилна, против пресуди на Врховниот суд не се предвидени правни средства.

Тоа значи дека офицерите се слободни доколку не постои друга причина за затвор, на пример од аспект на прописите за азил, што според грчките медиуми - не е исклучено. „Ова е голема победа на европските вредности и на грчкото правосудство. Во прашање беше достоинството на нашиот правен систем“, изјави бранителот Христос Милонопулос по соопштувањето на пресудата.

Судиите, врз основа на грчкото и европското право, не ни можеа поинаку да пресудат, истакнува Константинос Филис, директор во одделот за истражувања во Атинскиот институт за меѓународни односи во интервју за Дојче веле.

Турската агенција Анадолу јавува дека по пресудата Турција издала налози за апсење на војниците. Турското министерство за надворешни работи пак најави: „Сеопфатно ќе ги испитаме последиците кои оваа, според наше гледиште, политички мотивирана пресуда, ќе ги има врз нашите билатерални односи, врз соработката во борбата против тероризмот и други билатерални и регионални прашања.“

За „осумтемина“, како што турските офицери во меѓувреме се нарекуваат во Грција, правниот маратон започна веднаш по неуспешниот обид за преврат во Турција во јули 2016. година. Тие ја напуштија својата татковина со воен хеликоптер, бегајќи преку грчката граница во Александрополис, каде побараа азил.

Griechenland Prozess Soldaten aus der Türkei
Турските војници пред суд во ГрцијаФотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Нивното стигнување претставуваше медиумски спектакл, уште повеќе кога пред надлежниот управен суд се појавија и турски правници за да изборат екстрадиција на „осумтемина“ во Турција. Оттогаш офицерите се „шетаат“ низ Грција и нејзините правни инстанци: првично, веројатно од безбедносни причини, беа пренесени во Солун, а потоа во атинскиот кварт Ахарнес. Во тоа време тие веќе имаа еден процес зад себе: суд во Александрополис ги осуди офицерите на по два месеца затвор условно поради „нелегален влез“ во земјата.   

Грција меѓу чеканот и наковалната

Правните натегања околу „осумтемина“ одамна преминаа во политика. Веднаш по бегството на армиските припадници, Анкара побара нивно израчување. Турскиот амбасадор во Атина со невообичаена острина предупреди дека останувањето на војниците во Грција не би било пожелно поради билатералните односи. Турската влада побегнатите ги смета за „терористи“ и „предавници“, подвлекувајќи дека на грчките власти им испратила и соодветен доказен материјал.

Турските офицери, пак, тврдеа дека биле пилоти и санитетски лица во воената санитетска служба и единствено од таа причина се наоѓале во хеликоптерот. Тие се решиле на бегство во соседната држава, бидејќи нивната база во татковината била нападната. Според непотврдени извештаи во турските медиуми, грчкиот премиер Алексис Ципрас на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган при една средба во Њујорк му ветил дека неговата земја нема да им посака добредојде на пучисти.

Политикологот Филис се сомнева во вистинитоста на овие медиумски извештаи. Но, тој додава: „Владата во Атина направи тактичка грешка, со тоа што уште од почеток не стави јасно на знаење дека судството кај нас е независно и не подлежи на никакви политички влијанија.“ На таков начин кај соседите се создаде лажен впечаток дека сепак може нешто да се „испазари“.

Прашање на престиж за Ердоган

Што сега? Политикологот претпоставува дека Турција ќе продолжи со остри реакции на пресудата од Атина. „За Ердоган сево ова е прашање на престиж, тој нема да престане со противење, зашто неговиот углед добива гребнатинки со пресуда од Грција“, објаснува Филис.

За грчката влада е посебно непријатно што Ердоган коалицира со националистите и сѐ уште е зависен од нив за да ги спроведе спорните уставни реформи. Затоа Филис очекува турско агресивно однесување кон Грција, барем на реторичко рамниште. Освен тоа, не е исклучен и заострен тон во кипарското прашање.

Griechenland Fischer rettet Flüchtlinge auf der Insel Lesbos
Во текот на изминатите години илјадници бегалци стигнаа преку Турција во Грција Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Бегалците како средство за притисок?

Како санкционирачко средство може да служи и бегалската политика. Веќе постојат први знаци во тој контекст: токму на денот кога офицерите од Турција, кои побараа азил, се појавија првпат во судот во Александрополис, 180 бегалци преку Турција успеаја да стигнат до грчкиот остров Лезбос.

Во 2016. година во Грција стигна рекорден број бегалци. Можно е бројот и сега да расте, смета Константинос Филис.

Но, можеби нема да се отиде дотаму Ердоган да го откаже својот договор за бегалците со ЕУ.

Имаше времиња и кога грчки офицери наоѓаа прибежиште во соседна Турција. На пример, за време на воената диктатура во декември 1967. година, кога шефот на граничните трупи, верен на монархијата, ја премина границата и побара заштита во соседната земја. Турција не му одобри азил на офицерот, но му дозволи да замине во Рим, каде во меѓувреме во азил живееше и самиот грчки крал Константин.