Атиџе, македонската пчеларка го шармира Холивуд
6 февруари 2020Внимавајте на Оскарите в недела на Атиџе Муратова. Не можете да ја одминете. Таа ќе биде единствената македонско-турска гостинка облечена традиционално меѓу ѕвездената публика во Долби театарот во Холивуд.
До моментот кога „Медена земја“- вистинска приказна за пчеларката - освои три награди на Санденс филмскиот фестивал, Атиџе живееше во земјена колиба без струја и вода во провинцијата на Северна Македонија.
Сега, тоа е првиот филм во историјата кој добил номинации за Оскар во две категории - најдобар документарец и најдобар странски филм, а Атиџе стана славна личност која холивудските ѕвезди ја застануваат на улица.
„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ја сретна откако го гледала филмот“, вели продуцентот на „Медена земја“ Атанас Георгиев за агенцијата Франс прес.
Живеејќи среќно 56 години без телевизија, Атиџе не знаела за „Сексот и градот“, иако великодушно ѝ ја предвидела иднината на холивудската ѕвезда „гледајќи ѝ на кафе“.
Кога Атиџе тргна да го пробува фустанот за доделувањето на Оскарите во Скопје, ѝ беа потребни „20 минути за да пропешачи 200 метри затоа што толку многу луѓе сакаа да направат селфи со неа“, вели Георгиев.
„Луѓето ја обожаваат. Таа стана ѕвезда. Немаме друга опција освен да се справуваме со тоа“, вели Георгиев.
„Антрополошки не би требало да го правиме ова“, вели Георгиев за холивудската авантура на Атиџе, стравувајќи дека некои би можеле да ја гледаат „како лав во кафез“... „Но имаше голем притисок од јавноста во Македонија за нејзиното доаѓање на Оскарите“.
И навистина, контрастот не може да биде посилен од осамениот живот на Атиџе во Бекирлија, каде се грижи за своите пчеларници. Приказната која се случува во „Медена земја“ е толку перфектна парабола на нашето време, што Њујорк Тајмс го прогласи за „најдобар филм на годината“.
Критичарот А.О. Скот го нарече „Медена земја“, „ништо помалку од вистински еп, еколошка алегорија во вистинскиот живот и црна комедија за стариот проблем со себичните соседи“.
Во меѓувреме, филмската екипа ѝ помогна на Атиџе да се пресели во зимски дом поблиску до нејзините роднини во „најблиското село до цивилизацијата“. Формираната е фондацијата „Медена земја“ за неа, за семејството Сам, како и за пошироката заедница, а интернет донаторите откупуваат дел од „био медот“ кој го произведува таа.
Но далеку од тоа дека Атиџе е неписмена селанка.
„Таа е остроумна, многу интелигентна и зборува четири јазици од различни јазични групи - турски, македонски, албански и влашки“, вели Георгиев.
Георгиев вели дека голема заслуга за феноменалниот успех на филмот има „прекрасното срце“ на Атиџе. Но тој вели дека им помогнала и магијата од нејзината мајка „кралицата пчела“ на филмот.
„Мислам дека ни направи некаква магија за да внимаваме на нејзината ќерка откако ќе почине“, вели тој.
(Франс Прес)