1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атомските преговори со Иран пред пробив?

АТ/ афп/ дпа/ ртр9 ноември 2013

Во преговорите околу иранската атомска програма се чини има големо придвижување. Не е исклучена можноста да биде постигнат компромис. Во Женева се очекуваат министрите за надворешни работи на 5+1 државите.

https://p.dw.com/p/1AEY9
Американскиот секретар Џон Кери и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин ЕштонФотографија: Reuters

„Работиме напорно“, рече американскиот министер за надворешни работи Џон Кери доцна синоќа по петчасовната преговарачка рунда со неговиот ирански колега Мохамед Џавад Зариф. Двајцата министри средбата ја оценија позитивно. Повеќе детали не се соопштени. Висок по ранг претставник на американската влада појасни дека во текот на вечерта бил постигнат напредок, за да надминат разликите во мислењето. Но има уште многу да се стори.

Министерот за надворешни работи на Франција Лаурен Фабиус, кој исто така учествуваше во преговорите, предупреди од преголеми очекувања. Сѐ уште не е сигурно, дека разговорите ќе бидат успешно завршени, изјави тој за францускиот медиум „Радио Интер“. Фабиус укажа дека постојат тематски области како атомската централа Арак или збогатувањето на ураниум, кои не се разјаснети. Освен тоа сериозно мора да се сфатат грижите на Израел и на другите земји во регионот.

Во Женева покрај Фабиус, пристигнаа и колегите од Берлин и Лондон, Гидо Вестервеле и Вилијам Хејг. Денеска американскиот државен секретар Џон Кери треба да се сретне со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, по што двајцата ќе разговараат со иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф.

Во преговорите во Женева денеска ќе се вклучат и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров како и кинескиот министер Ванг Ји. Атомските преговори треба да продолжат во голема рунда. Посматрачите оценуваат дека ова е знак дека е можен компромис меѓу Иран и 5+1 групата на петте вето сили на Советот за безбедност на ОН и Германија.

Меѓутоа и иранската страна предупредува од преголема еуфорија. Иранскиот вицеминистер за надворешни работи Абас Арагчи оцени дека средбата меѓу Кери и Зариф вчеравечер била конструктивна. Двете страни ги очекува уште многу работа. Пробив е можно да се постигне, но сѐ уште е под знак прашање.

Atomgespräche in Genf
Иранскиот министер за надворешни работи Џавад ЗарифФотографија: picture-alliance/dpa

Планиран е писмен договор, со кој би требало да му се стави крај на десетгодишниот атомски спор. Иако сѐ уште не се познати детали, дипломатите сметаат дека Иран како противмерка за олабавување на економските санкции ќе прекине со делови од програмата на збогатување на ураниум.

Обама телефонираше со Нетанјаху

Предупредувањата од Израел, дека Иран ќе добие „Договор на столетието“, Вашингтон ги отфрли како неосновани и избрзани. Американскиот претседател Барак Обама вчера телефонираше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанхјхау, за да го информира за текот на разговорите во Женева, соопшти Белата куќа во Вашингтон. Обама го уверил Нетанјаху дека тој бил одлучен да спречи Иран да стекне атомско оружје. Нетанјаху претходно изрази длабока недоверба кон иранските намери.