1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аушвиц - борба против заборавот

Јулија Хан/Б. Георгиевски28 април 2014

„Маршот на живите“ и годинава се одржува на Денот на сеќавањето на жртвите на холокаустот (годинава на 28.4). Но, секоја година живи сведоци има сѐ помалку, а исчезнуваат и материјалните сведоштва.

https://p.dw.com/p/1BpZZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Маргрит Борман е конзерватор. Додека ја пакува својата чанта со пинцети, скалпели, микроскоп, повеќе делува како лекар, отколку како човек кој се бори против заборавот. Објекти на нејзината секодневна работа не се класични уметнички дела, туку предмети од секојдневието кои токму поради својата „обичност“ на драстичен начин сведочат за геноцидот кој националсоцијалистичкиот режим го изврши над европските Евреи, Синти и Роми.

Нејзината задача е да ги сочува и истражи сите детали кои укажуваат на злосторствата и бруталноста на сторителите: скршени очила, оштетени ковчези, играчки. Преку 100 илјади предмети, вклучително и обувки, четкички за заби или хигиенски прибор, на ужасен начин сведочат за судбината на поранешните сопственици кои буквално беа откорнати од своите домови и однесени во смрт. Сето тоа е изложено во Спомен центарот Аушвиц/Биркенау, некогаш најголемиот логор на смртта во нацистичка Германија. Меѓу 1940. и 1945. година таму биле погубени повеќе од еден милион европски граѓани. Но и други предмети сведочат за ужасите низ кои минувале жртвите. Кристина Олекси на посетителите им прикажува куп човечка коса зад една стаклена витрина. Коса која некогаш им припаѓала на живи луѓе. Со години траеше расправата за тоа што да се прави со косата која им била сечена на логорашите.

Museums-Vitrine mit Koffern von Häftlingen in Auschwitz
Фотографија: DW/J. Hahn

„Голем број преживеани велат: тоа е можеби косата на мојата мајка, брат или чичко. Тоа се практично делови од тело кои треба достоинствено да се закопаат“, вели Олекси. На крајот била донесена одлука косата да се сочува, но да не се конзервира. На тој начин, порано или подоцна, косата ќе исчезне, како и останатите органски материјали.

Сѐ помалку живи сведоци

Од друга страна, некои делови од логорот Аушвиц пропаѓаат едноставно затоа што нема доволно пари за нивно одржување. Урнатините од гасните комори и печките за кремирање, кои германските војници ги дигнале во воздух при повлекувањето, сѐ уште стојат изложени на временските прилики и секојдневно пропаѓаат.

И живи сведоци, преживеани од холокаустот има сѐ помалку. Јацек Зилиениевиц има 87 години. Иако со нарушено здравје, тој на посетителите сѐ уште им ги раскажува ужасите од секојдневието во Аушвиц.

Jacek Zieliniewicz Polen
Јацек ЗилиениевицФотографија: DW/J. Hahn

„Во оваа барака се наоѓаше дежурниот офицер, зад неа е просторот со оркестарот, а овие две патеки водеа кон гасната комора или 'сауната' како што ја нарекуваа чуварите“, раскажува Зилиениевиц. Тој е свесен за тежината на своето сведочење, на силината која посетителите ја чувствуваат кога ги слушаат зборовите на човек кој минал низ логорот на смртта.

Но што ќе се случи кога повеќе нема да има преживеани да ги раскажуваат нивните приказни? Луѓе како Павел Савицки, гласноговорник на Спомен подрачјето Аушвиц, се обидуваат да дадат одговор на тоа прашање:
„Кога веќе нема да има преживеани, ќе мораме да менуваме нешто со постојаната изложба“, вели тој. Денешниот изложбен концепт потекнува од 1950-тите години и прилагоден е на сведочењата на преживеаните. Идниот концепт треба повеќе да се потпира на индивидуалните судбини, но и на перспективата на сторителите. До неговото целосно имплементирање ќе минат уште седум години.