1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аушвиц и случајот на Хуберт З.

Фолкер Вагенер / Е.М. Фиданоска17 мај 2016

Луѓето кои биле на служба во нацистичките концентрациони логори биле само посредно учесници, но сепак мора да одговараат. Таков е случајот и со 95-годишниот Хуберт З.

https://p.dw.com/p/1Iofz
Фотографија: AP

Во Нојбранденбург во февруари годинава сѐ беше подготвено за почеток на процесот. Судницата беше преполна, иако поради очекуваната навалица веќе беше проширена - направени беа дополнителен коридор за контрола и дополнителна просторија за новинарите. Медиумите од Израел и САД најавија доаѓање на свои екипи. Сето тоа поради најавениот процес против Хуберт З. Меѓутоа, токму тој, обвинетиот, беше отсутен. Поради висок крвен притисок судскиот лекар исклучи можност за негово појавување пред судот.

Денеска (17 мај) судот повторно треба да се обиде да ја расветли улогата на Хуберт З. како некогашен болничар во концентрациониот логор Аушвиц. Останува прашањето дали тој е способен за процес. Таа дилема ги следеше сите процеси во кои обвинетите кои имаат над 90 години беа изведувани пред суд поради соучество во злосторства сторени пред повеќе од 70 години. Германското правосудство со децении не се интересираше за оние кои не учествувале директно во убивање на затворениците во нацистичките логори.

Стотици потенцијални обвинети во меѓувреме починаа без да бидат изведени пред суд. Малиот број лица од генерацијата злосторници сѐ уште се живи. Сега им се суди. Таа пасивност на правосудството одамна се нарекува „втора вина на Германците“. Есесовците имале 6500 стражари во Аушвиц, а осудени се 49-мина. Само за споредба - Полјаците за тоа време донесоа пресуда во 700 случаи. Во логорот Аушвиц се убиени милион и сто илјади Евреи, како и десетици илјади Полјаци, советски заробеници и Роми.

Хуберт З., член на ЕсЕс трупите, болничар и земјоделец

Процесот против Хуберт З. има посебна тежина, затоа што тој поради своето членство во ЕсЕс и улогата на Аушвиц веќе беше осуден од страна на источногермански суд и одлежа четири години во затвор. Се пријавил доброволно во ЕсЕс на дваесетгодишна возраст. Поради тоа што браќата му загинале и тој останал како единствен прежиеван син во семејството, според тогашните прописи, не морал да се врати на фронт во својата единица, туку бил прекумандуван во санитетската единица во Аушвиц. Тој тврди дека таму немал никаков контакт со логорашите, туку дека бил само задолжен за членовите на ЕсЕс. Но, јасно му било каква субина ги чека затворениците: „Се разбира, секому му беше јасно што се случува.“ Хуберт З. е обвинет за периодот од 15 август до 14 септември 1944 година, кога во логорот се убиени најмалку 3681 лица од вкупно 14 возови со кои тие биле депортирани во Аушвиц.

Auschwitz Prozess
Фотографија: Internationales Auschwitz Komitee

Хуберт З. е уапсен на 19 февруари 2014 година. Тогаш во цела Германија, по налог на обвинителството, е извршен претрес на десетици станови. Станарите - 24 мажи и 6 жени - беа под сомневање дека биле стражари во Аушвиц. Хуберт З. беше три недели во притвор, а потоа е подигнато обвинение. Според обвинението, тој учествувал во смртоносната машинерија во Аушвиц. Судот прво одби да покрене процес против старецот поради неговата здравствена состојба. Дури по жалбата на обвинителството пред повисоката судска инстанца во Росток, следува судски процес.

Емоции во пресрет на судењето

Во пресрет на судењето медиумско внимание во цела Германија предизвика одлуката на судот да не му дозволи на еден преживеан логораш да му се приклучи на обинението. Тој наведе дека целото негово семејство било депортирано во Аушвиц, во вагони од воз кој не бил на списокот од 14 возови опфатени со обвинението. И во овој случај интервенираше повисока инстанца, па бившиот логораш сепак се приклучи кон обвинението.

Пред процесот исто така во емоционални вербални дуели влегуваа обвинителството и одбраната. Последниот министер за внатрешни работи на ГДР, Петер-Михаел Дистел, кој е и еден од тројцата бранители на Хуберт З., рече дека процесот е смртна казна за неговиот клиент. Преживеаните логораши беа огорчени, а обвинителството реагираше со остро тврдење дека Хуберт З. зема лекови за кревање на притисокот, за лекарите да го прогласат за неспособен за судски процес.