Ахенска мировна награда за мировните стремежи
2 септември 2008Со бавни чекори, Митри Рахеб обиколува една градежна локација на планината јужно од Витлеем. Има 46 години, слаб, не паѓа в очи. Но, никој во Витлеем не е толку подвижен колку тој. Во изминативе 13 години основал училиште, факултет за уметност, музика, медиуми и туризам, културен и конференциски центар, со продавница и ресторан, како и цела велнес оаза, со базен, сауна, масажи и сл. Како претседател на т.н. Дијар Конзорциум, Митри Рахеб се претвори од евангелиски свештеник во третиот најголем приватен работодавач во регионот.
„Нашата цел не е да ги преобратиме луѓето во евангелисти, туку од набљудувачи да ги преобратиме во актери. Оние кои седат дома депресивни и мислат дека Тони Блер ќе најде решение за нив, да речат можеме и сами да го сториме тоа. Или луѓето кои имаат витлеемски менталитет и се навикнати да добиваат финансиска поддршка од некој друг, да ги претвориме во луѓе кои заработуваат со својот труд“ – вели Рахеб.
Поинаков приоритет за слободата
Неговата успешна мисија доспеа и до Германија. Токму затоа Митри Рахеб ја добива Ахенската мировната награда, знакот на германското мировно движење. Тој сака и сам да направи нешто за Палестинците, не сака да го следи веќе познатиот концепт на израелско-палестинскиот дијалог.
„Уште на почетокот рековме, приоритетот за слобода мора да биде поинаков. А ако внатрешнопалестинскиот дијалог не функционира, не можеме да очекуваме дека тој ќе фунцкионира и меѓу Израел и Палестина“ – објаснува Рахеб.
Митри Рахеб живее во западен Јордан, заедно со уште 1.5 милиони Палестинци, зад совршен ланец од бетонски ѕидови, огради, безбедносни жици и контролни пунктови.
Против израелската поделба
Една организиција од 400 жени многу добро ги познава контролните пунктови и правилата на воениот режим. Пред седум години, три од жените ја оформија организацијата „Machsom Watch“, односно „Набљудувачи на пунктови“. Нивната активност се состои во тоа што во мали групи се распоредуваат на различни контролни пунктови и ги поддржуваат Палестинците во нивните обиди да ја преминат бариерата. Оваа година, покрај Митри Рахеб, и „Machscom Watch“ ја добива Ахенската мировна награда. Рони Хамерман е една од жените-основачки на организацијата.
„Не сакаме да не` сметаат за непријатели. Доаѓаме тука, им помагаме на Палестинците колку можеме, но најбитното е дека сакаме да ја документираме израелската политика на поделба на територијата, да го запишеме тоа“ – ја објаснува Хамерман целта на женската организација.
Соживот меѓу Евреите и Палестинците? Љубов за непријателот? Во регионот Израел-Палестина ситуацијата и понатаму е затегната, иако има луѓе, како носителите на овогодишната Ахенска мировна награда, кои ги вложуваат сите напори за тоа да се промени.