1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан има корист од Берлинскиот процес

Ненад Крајцер
5 јули 2021

Денеска во Берлин се одржува нов самит на Берлинскиот процес за земјите од Западниот Балкан. Во интервју за ДВ, одговорната за регионот во германското МНР, Сузане Шуц зборува за придобивките од проектот.

https://p.dw.com/p/3w1R5
Albanien Susanne Schütz Deutsche Botschafterin in Tirana
Фотографија: S. Schütz/P. Cenciarelli

ДВ: Што ја наведе Германија да го започне Берлинскиот процес како дипломатска офанзива на Западниот Балкан?

Сузане Шуц: Во 2014 година, германската влада, заедно со земјите од регионот и останатите партнери, го покрена Берлинскиот процес за да ја промовира регионалната соработка и со тоа да го забрза процесот на приближување на земјите од Западниот Балкан и ЕУ. И тогаш и сега сметаме дека иднината на Западниот Балкан лежи во ЕУ, тоа е нашето уверување.

Фокусот на Берлинскиот процес е на конкретни придобивки за луѓето во регионот. Да набројам само неколку примери: Со договорот од 1 јули во целост се укина роамингот на Западниот Балкан. Сообраќајната и енергетската инфраструктура е многу проширена во последните 7 години и е поврзана со коридорите на ЕУ. А Регионалното биро за млади (РАЈКО) е пионерски резултат на процесот.

Што очекувате од самитот во јули?

Очекуваме натамошен конкретен напредок по прашањата за регионалната соработка кои се дел од Берлинскиот процес. Самата средба на врвот претставува врв на цела низа подготвителни состаноци на министерско ниво. Големиот форум на граѓанското општество и младите исто така е дел од процесот.

Самитот особено ќе се фокусира на следните чекори за изградба на заеднички регионален пазар. Овој историски проект за кој владите на шесте земји се договорија во ноември 2020 се однесува на четирите темелни слободи: слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал и тоа треба да се постигне до 2024 година.

Враќањето на самитот во Берлин по седум години исто така е одлична можност за преиспитување и размена на идеи за иднината на Процесот. Со оглед на актуелната ситуација со пандемијата и постојаниот ризик од зараза, одлучено е самитот да се одржи дигитално.

Колку може да се спроведе Заедничкиот регионален пазар кој беше договорен минатата година во Софија? Кои се главните предизвици и кои држави го блокираат?

Од усвојувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар минатиот ноември, се работи на неговото спроведување. Предизвиците, од една страна, е кусиот временски рок, фактот дека физичките преговори се можни само во многу ограничена форма и сложеноста на прашањето во пракса. Исто така е важно, во добрата традиција на Берлинскиот процес, да се изостават политичките прашања затоа што можат брзо да доведат до блокади.

Која е иднината на Берлинскиот процес? Дали ќе се продолжи со сличен пристап?

Берлинскиот процес и натаму ќе игра важна улога. Тоа е јасна желба на сите вклучени. Неговиот заштитен знак е силната иницијатива од регионот. Но секако, Западниот Балкан се промени од 2014, а односите со ЕУ исто така оттогаш се интензивираа. Оттука е добро што сега водиме расправа на самитот, заедно со земјите во регионот и со нашите партнери - вклучително и ЕУ - за тоа како процесот ќе продолжи и какви прилагодувања имаат смисла.