Што сака Русија на Западниот Балкан?
21 април 2021Собирот во босанскиот град Вишеград беше рамен на провокација: дузина мажи во втората недела од март 2021-ва се собраа во знак на сеќавање на „доброволците“ кои им давале поддршка на српските единици во војната во Босна 1992-95 и кои притоа го загубиле животот. Положувањето венци го организираше едно руско-српско здружение.
Преживеаните зборуваат за ново повредување на жртвите 26 години по крајот на војната. Наместо да се слават руските доброволци во војната, би требало да се истражува нивната вмешаност во воените злосторства, бара едно здружение на жени жртви на војната.
Настанот во Вишеград во никој случај не е и единствениот „попречувачки оган“ со руски потпис. Москва целно прави напори за проширување на своето влијание. Притоа се користат нестабилните општества на земјите на Западен Балкан за да се „истапка“ свој терен и да се поддржат актери кои целно ги поткопуваат процесите на демократизација.
Во најфрагилната држава во регионот, Босна и Херцеговина, Русија се потпира на Србите и Хрватите, кои прават сѐ за да го торпедираат постоечкиот мировен поредок. Милорад Додик, српски претставник во босанското претседателство, редовно се заканува со сецесија.
Стар сон
Пред неколку дена Додик даде нов предлог: мора да има „мирно разединување“ на Босна, грмеше тој и притоа ја искористи идејата, која според медиумите потекнува од перото на словенечкиот премиер Јанез Јанша. Во „нон-пејпер“ Јанша, кој исто така има контакти со Русија, наводно бара ново преструктуирање на балканските држави според етнички критериуми. Оттогаш се множат гласовите кои предупредуваат дека со такви потези се провоцираа нови воени судири.
Дискусијата за ново повлекување граници им е вода на воденицата на оние кои со поддршка на Белград и Москва сакаат да остварат еден стар сон - обединување на Србите во една држава. Токму ваквите идеологии на етнички чисти територии беа оние кои доведоа до крвавите војни во поранешна Југославија 1991-95 година.
Поддршка за екстремистите
Поранешниот српски властодржец Слободан Милошевиќ заедно со својот тогашен колега, хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, по распадот на Југославија се договори за поделба на Босна. Следуваа воени злосторства, протерувања и масовни силувања, со цел да се родат Голема Србија и Голема Хрватска.
Тоа што идеологиите од тоа време сега повторно оживуваат е нешто за што Москва, со својата поддршка за екстремистите „а ла Додик“, е сѐ друго, само не невина. Додека ЕУ со години евидентно не успева да му даде на регионот јасна перспектива за приклучување, Москва става јасно до знаење што е нејзината мисија - целна деструкција.
Повеќе: ЕУ на Западниот Балкан „сама си пука во нога“
Грешката на ЕУ
Притоа, Русија ја користи стратешката грешка на ЕУ, која со години се потпира на „аписмент политика“ (политика на стишување, н.з) со корумпираните елити во западнобалканските држави. На тој начин се поддржуваат стабилократии со авторитарни политичари на власт. Одржливите демократски реформи каскаат.
Земјите од Западен Балкан денес, со мали исклучоци, се повеќе „елдорадо“ за радикализации отколку показатели за кохерентна поврзаност со Западот. Како последица на тоа, Брисел од многу демократски настроени актери веќе не се третира како стратешки партнер. Луѓе од цивилното општество и борци за човекови права се жалат дека во борбата против криминалните кланови се оставени на цедило од страна на ЕУ - огромна загуба на репутација за Брисел, која во корона-кризата уште повеќе се зголемува.
Повеќе: Дали ЕУ го губи Балканот?
Спутник како спасител во пандемијата
Со оглед на катастрофалната политика на вакцинирање на ЕУ, Русија сака да се профилира во кризата како потентен играч. Српскиот авторитарен властодржец Александар Вучиќ, најважниот човек за Владимир Путин во регионот, ги користи добрите односи за не само да го вакцинира сопственото население, туку и луѓето од соседните држави.
Со тоа, вакцината Спутник добива геополитичко значење. А и Кина е презентирана демонстративно од страна на Вучиќ како верен партнер во нужда - со странични удари на сметка на ЕУ, која потфрли.
Повеќе: Нова влада во Србија: Меѓу стравот од САД и притисокот од Русија
Изборен инженеринг во Црна Гора
Додека Москва трупа војска пред портите на Украина, на Западниот Балкан се прават посуптилни маневри. Така, владата на Црна Гора неодамна предложи промена на законот за државјанство, според која странците кои имаат постојат престој во земјата би можеле да добиваат побрзо црногорско државјанство, меѓу нив и Срби и Руси.
На тој начин ќе се предизвикаат големи промени во структурата на населението и политичката ориентација, преудпредува аналитичарот Златко Вујовиќ. Според него, прозападното мнозинство на Црна Гора со тоа би било елиминирано со еден удар и сосема „легално“ би биле зајакнати антизападните и проруските сили во земјата. По масовните протести против очигледниот изборен инженеринг, владата во Подгорица засега ги замрзна ваквите планови.
Руски порази
Москва сакаше да создаде факти уште во 2016 година. Со помош на специјалци требаше да биде отстранет долгогодишниот претседател на земјата Мило Ѓукановиќ, кој силно се заложи за членство во НАТО. Меѓутоа, заговорот со учество на луѓе од српската и руската тајна служба беше разоткриен, а Црна Гора, и покрај интервенциите на Москва, стана полноправна членка на алијансата.
Русија веќе сега се покажува како експлозивна сила и во Северна Македонија. Не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ, партијата на поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија, е тесно поврзана со Кремљ. Тоа што земјата во март 2020 година исто така стана членка на НАТО, претставува уште еден пораз за руските стремежи на Балканот.
Повеќе: Кусата рака на Кремљ
Оттогаш не случајно проруските сили прават сѐ за да ја ослабнат проевропската влада на социјалдемократот Зоран Заев. Со целно инвестирање во медиуми се работи на ширење проруска и национално-шовинистичка пропаганда. Во корона-кризата се шират свесно смислени лажни вести за да се поткопа веродостојноста на владата на Заев.
Во меѓувреме се загрозени актерите од цивилното општество, кои се залагаат за демократски реформи. Еден од нив е Џабир Дерала од НГО Цивил. Активистот за човекови права е постојано навредуван како предавник, портали шират споредби со Гебелс.
„На овие кругови им е пред сѐ до тоа да се торпедира интеграцијата во ЕУ“, констатира Дерала. Интензитетот на нападите врз него во последно време добиле нов квалитет придружени со сајбер-напади врз интернет страницата на неговата организација. Техничките анализи, вели Дерала, покажале оти последните напади доаѓале директно од Русија.
Марион Кразке, политиколог и новинарка, од 2015 до 2021 година раководеше со канцеларијата на фондацијата „Хајнрих Бел“ за Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија со седиште во Сараево.