1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Балканскиот менталитет“

29 април 2019

Младите од Македонија бегаат токму од „македонскиот менталитет“. Тој е духот на корупцијата, криминалот, поткупувањето, ситнодуштвото, омразата и зависта. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3Hbwu
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Ми пречи да ме нарекуваат Балканка, само затоа што моите родители потекнуваат од Балканот“, ми рече младата музичарка во Келн. Пораснала во Германија. Таму учела, таму студирала композиција. Да ја нарекуваат „Балканка“, иако сиот живот го поминала во Германија, на младата жена ѝ пречи затоа што не се препознава себеси во сликата на просечниот западен Европеец за „балканскиот менталитет“. Тој поим е исто толку културно-идеолошки стереотип, колку и политичкиот стереотип за „Балканот“, ѝ одговорив. „Балканец или Балканка“ е клише. Празна слика со која просечниот западен Европеец го именува „непознатото и туѓото” што доаѓа од Југоисточна Европа, тврдев јас. Потем самата си признав дека е полесно стереотипите да се одбијат во академскиот дискурс, укажувајќи на тоа дека тие се искривоколчени, ненадминати историски искуства. Потешко е да се одбрани „нереалноста“ на стереотипите за Балканот кога ќе се соочите со  балканската реалност. Девојката од Бугарија не сака да ја викаат „Балканка“ затоа што многу добро го познава „балканскиот менталитет“. Младите родени во семејства на поранешните „гастарбајтери“, дојдени во Германија од Грција и поранешната Југославија, „балканскиот менталитет“ не го поврзуваат само со  родителите. Тој „менталитет” тие го запознаваат, пред сѐ,  при престоите во татковината на родителите. Ако не се склони да ја идеализираат татковината како што тоа го чинат нивните родители. Ако судат за балканските општества според европските вредности, тогаш за нив „балканскиот менталитет“ е „туѓото“ во кое тие не се препознаваат.

„За несреќата да се биде Балканец“

Познатиот грчки филозоф и писател, Никос Диму, пред повеќе од четири децении ја напиша книгата „За несреќата да се биде Грк“. Денес јас би рекла дека овој наслов може да се примени за сите балкански земји. И да гласи „За несреќата да се биде Балканец“. Книгата на Диму е најчитаната книга од Антиката до денес. Таа сиве овие години е бестселер во Грција. Таа беше актуелна и во Западна Европа во времето на финансиската криза во Грција. Многу грчки читатели критиката на Диму на „грчкиот менталитет“ ја сметаат за провокација и навреда. На пример, кога тој пишува дека „двајца Грци сработуваат во два часа толку, колку што еден Грк сработува во еден час“. Јас, пак, кога го прочитав тоа, си помислив дека Никос Диму го опишува токму работниот „морал“ на Македонците! Диму својата книга не ја смета за сатира или за хумор. Тој вели дека во неа тој опишува еден вид трагичност. На двајцата Грци им треба два часа затоа што тие, едноставно, не можат да се разберат. Трагичноста не е во тоа дали тие двајца работат, вели Диму. Таа се состои во тоа дали тие нешто произведуваат. Многумина во полемичноста на мислата на Никос Диму препознаваат важни  сознанија за грчката реалност. На пример, кога тој  вели дека во Грција нема „институции, туку привиденија“. Тоа сознание го делат многу критични луѓе во Македонија и за македонските државни институции. Диму истакнува дека особините што тој полемички ги прикажува се дел од „грчкиот менталитет, грчката традиција, грчкиот карактер, кој, за жал, се менува многу бавно“.

Други колумни од авторката:

Заедништвото и граѓанскиот идентитет

Заборавеното богатство на Македонија

Притоа, грчките граѓани се веќе долго граѓани на ЕУ. А што да се каже за Македонците и за нивниот „менталитет и карактер“?  Грчкиот филозоф причината за тоа што толку бавно се менувал „грчкиот менталитет“ ја гледа во фактот „што современите Грци никогаш не научија да ја преземат одговорноста за себе“. Затоа што секогаш  некој друг бил виновникот. Горчливото сознание на Диму за своите Грци го делам и јас за моите Македонци. За нив е уште пооправдан судот дека тие навистина никогаш не научија да ја преземат одговорноста за себе. Никос Диму истакнува дека „грчкиот менталитет“ беше формиран во долгите векови на постоење во потчинетост под туѓа власт. Тоа е историското искуство и на Македонците. Уште едно сознание на Никос Диму се однесува и на Грците и на Македонците, но, веројатно, и на Бугарите и на Албанците. Имено, сознанието дека денешните Грци радо се „китат“ со славата на античките Грци, но, за жал, не ги поседуваат нивните вредности. Ова е суд не само за фиксацијата на Грците за Александар, туку и на Македонците, особено во последните петнаесет години. Како и современите Грци, и Македонците тоа не го чинат од реално чувство на културна супериорност во денешниот свет. Напротив, славата на Александар им треба поради сопственото чувство на минорност и безначајност во сегашноста. Никос Диму смета дека до негативните особини на „грчкиот менталитет“ довело тоа што Грците го изгубиле чувството за „мерка“. Оваа дијагноза би можела да ја потпишам со двете раце за многумина од современите Македонци. Затоа и тие се исто толку комични како и Грците кога говорат за себе како за највеликите, најумните, најталентираните, најславните и најстарите жители на планетата. Не е чудно зошто таков ирационален спор за името можеа да водат само Грците и Македонците. Имено, како и за Грците, и за Македонците сѐ почнува и завршува со Македонија. Таа е „папокот на светот“. Таа е најстарата цивилизација. Таа е „библиска земја“. Таа го има најстариот јазик. Македонците некогаш го освоиле сиот познат свет, гордо велат тие. Истото го тврдат и Грците. Притоа, двата народа заборваат дека тие не се славните антички Македонци кои го сторија тоа. Тие се жителите на две земји од кои најголемиот број млади и реални луѓе сакаат да си заминат. Младите од Македонија бегаат токму од „македонскиот менталитет“. Тој не дозволува промени и реформи.  Тој е духот на корупцијата, криминалот, поткупувањето, ситнодуштвото, омразата и зависта. Тој менталитет не дозволува да се изгради вистинско модерно граѓанско општество во Македонија.

„Медитеранска“ и „Балканска“ култура

Тој менталитет е оној кој просечните граѓани во земјите на Западна Европа го нарекуваат „балкански менталитет“. Притоа доживувањето на поимите како негативни „стереотипи“ или како позитивни „модели“ зависи од контекстот. Имено, во жаргонот на еден западен Европеец не се идентични поимите „Балканец“ и „Медитеранец“. Најнапред, затоа што првиот поим е најчесто негативен, а вториот позитивен. Дури и кога ќе се каже „медитеранска култура”, таа, за просечниот Германец, се доживува поинаку од „балканска култура“.

Содржината на  двете ознаки делумно географски се  поклопува. Грчката, италијанската и шпанската кулинарска култура за германскиот вкус се, без сомнение, типично медитерански. Туристичкиот словенечки или хрватски јадрански брег во перцепцијата на Западот е исто толку „Медитеран“ колку и брегот на Егејското или Јонското море. Но, во европскиот жаргон никогаш брегот на Црното Море во Бугарија или во Романија, ниту пак оној на Охридското Езеро во Македонија, како ни оној на албанското крајбрежје не се асоцира со „медитеранска култура“. Поимот „Медитеран“ во западноевропскиот жаргон е монденски, културен и кулинарски симбол. Поимот „Балкан” е политичко-идеолошки симбол. Додека „медитерански менталитет”, на пример, за просечните Германци потсетува на привлечна култура на живеење, „балканскиот  менталитет“ и ден-денес кај нив повикува негативни слики. „Балкански“ за Западот уште значи повеќе ориентален, отколку европски стил на однесување и мислење. Балкански значи неразвиеност и сиромашност, политичка неорганизираност, криминал и непотизам. Притоа ништо не менува фактот што голем дел од географскиот Балкан е веќе дел од ЕУ. Кога се говори за „балкански менталитет“ за западниот Европеец нема разлика помеѓу Грција, Романија, Србија, Бугарија, Македонија или Албанија.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.