Балканските бегалци како шанса за економијата
24 септември 2015Не е можно со „земји како што е Босна и Херцеговина да разговараме за намери за приклучување кон ЕУ, а луѓето од овие држави истовремено да може да доаѓаат во Германија само преку правото за азил. Тоа е погрешен пат и ја оптоварува постапката за азил“. Така министерката за труд и социјала Андреа Налес (СПД) во интервју за „Шпигел“ го образложи својот предлог Германија во период од пет години да става на располагање годишно по 20.000 работни дозволи за луѓе од Западниот Балкан. Тоа би се однесувало на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија.
Со оглед на фактот дека во моментов во Германија не се пополнети 600.000 работни места, тоа би било еден вид „вин-вин“ ситуација, оценува за Дојче веле д-р Видо Гајс, експерт за миграција во Интитутот на германската економија во Келн. Гајс нагласува дека од планираните нови работни дозволи кои ги предлога министерката Налес пред се‘ би требало да профитираат лица со средна стручна спрема, кои во своите татковини тешко доаѓаат до соодветна работа поради лошата економска ситуација. Експертот не е загрижен дека тоа би довело до т.н. „брејн-дрејн“. Тој нагласува дека ова би можело добро да им дојде и на земјите од каде ќе доаѓаат лицата, „со оглед на тоа што тие лица нема да останат во Германија трајно, туку ќе се враќаат назад“.
Економските експерти во земјите од Западен Балкан се главно исто така на мислење дека таков потег на Берлин би бил позитивен. Македонската професорка по економија Марија Зарезанкова-Потевска нагласува дека тоа би довело го краткорочно олабавување на пазарите на работна сила во државите од Западен Балкан, со оглед на тоа што во нив владее голема невработеност. Сепак, таа предупредува од опасноста од негативни последици што би ги имало таквото одлевање на работна сила. Таа, за разлика од својот германски колега, е на мислење дека луѓето кои ќе заминат за Германија нема повторно да се вратат назад во своите татковини. Затоа е важно за тие луѓе долгорочно да се „најдат решенија во нивните земји“, нагласува Зарезанкова-Потевска.
Реални алтернативи за барателите на азил
Професорката оценува дека зад предлогот на министерката Налес се крие и намерата за намалување на бројот на баратели на азил од овој регион. Затоа, тоа би било прифатливо решение и за барателите на азил од Западен Балкан кои веќе сега се наоѓаат во Германија, смета Зарезанкова-Потевска. И нејзиниот германски колега Видо Гајс е на мислење дека една од причините за ваква иницијатива на министерката за труд е големиот број баратели на азил кои немаат шанси за позитивен одговор на нивното барање и за кои „треба да се создаде реална алтернатива“. Во првата половина од 2015 година бројот на баратели на азил од Западен Балкан беше повисок од бројот на бегалци од Сирија. Ситуацијата сега, поради актуелната бегалска криза и големиот бегалски бран од Сирија кон Германија, е променета, но во Германија се‘ уште доаѓаат голем број бегалци од Балканот. Поради тоа што во регионот нема воена состојба, овие луѓе во германската јавност се нарекуваат економси бегалци или бегалци поради сиромаштија. Во последните месеци вакви бегалци во Германија доаѓаат пред се‘ од Косово и Албанија. Многу од нив се Роми, од кои голем број немаат никаква стручна квалификација.
Министерката за труд Налес сака и на овие луѓе, кои немаат квалификација, да им отвори можности за работа во Германија. Нејзиниот предлог, имено, предвидува и прием на луѓе кои сакаат да се образуваат и обучуваат во Германија. „Тоа би било можност за прекин на кругот од доаѓање и протерување“, изјави Налес за „Шпигел“.
Балканот е интегрален дел на Европа
Но, покрај фактот дека Налес во тоа гледа решение за проблемот со растечкиот број баратели на азил од Балканот, има и една друга причина зошто министерката за труд токму за луѓето од земјите од Западен Балкан предлага такво нешто, оценува експертот за миграција Гајс. Овие земји се интегрален дел на Европа, нагласува тој, и и покрај тоа што не се во ЕУ, „тие ќе бидат се‘ повеќе поврзувани во европската заедница и заедничкиот европски економски простор“.
Во врска со ова, Гајс потенцира дека независно од сегашниот прилив на бегалци, можностите за пристап до германскиот пазар на работна сила и до образовниот систем за лицата од Западниот Балкан би требало да се подобрат. „Давањето 20.000 работни дозволи годишно за лица од западнобалканските земји, кое не е условено со конкретно ниво на квалификација, е прв важен чекор“ во насока на европска интеграција на овие земји, вели експертот за миграција од келнскиот Институт на германската економија.
И претседателот на Стопанската комора на Косово Сафет Герџалиу оценува дека тоа е шанса за засилена ЕУ-перспектива. „Тоа би содржело порака дека ние припаѓаме во Европа“, вели Герџалиу и нагласува дека вакви изгледи за работа во Германија за многу млади луѓе од Косово би биле зрак на надеж.
Исто како и за многу млади во Босна и Херцеговина, зашто „во секој случај е подобро да одат во Германија за да работат отколку да се невработени во БиХ“, оценува сараевскиот експерт за пазар на работа Ерол Мујановиќ. Предлогот за 20.000 работни дозволи годишно за луѓето од Западен Балкан, според него, е логична одлука, поради тоа што, како што вели, гастарбајтерите од Балканот во изминатите децении се докажаа како вредни и се добро интегрирани во Германија.
И покрај сето ова, министерката Налес е свесна дека ваков чекор може да предизвика страв кај населението во Германија Зашто, нејзиниот предлог предвидува времено стопирање на т.н. постапка на давање предност, при која лице од т.н. трети држави (лица кои не се Германци или од земја од ЕУ, н.з.) може да добие работа само ако за тоа работно место нема соодветни кандидати од Германија или од некоја од државите на ЕУ. Министерката во никој случај не сака целосно укинување на ваквата постапка, зашто во државата „се‘ уште има 240.000 млади луѓе кои се без работа и еден милион лица кои се невработени долг период“. Налес нагласува: „Нив не смееме да ги заборавиме.“