Балканските земји ги филтрираат бегалците
19 ноември 2015Балканските земји започнаа со филтрирање на приливот на бегалци кон Европа, овозможувајќи им премин само на оние кои бегаат од конфликтните подрачја на Блискиот Исток и Авганистан, додека останатите бегалци кои се означуваат како економски мигранти, се враќаат назад.
Потегот остави стотици луѓе заглавени на ничија земја: на српската граница кон Хрватска на околу 400 бегалци им беше блокиран влезот во земјата-членка на ЕУ, велат од УНХЦР.
Стотици се заглавени и на ничија земја меѓу Македонија и Грција, но македонските власти не размислуваат за подигнување жичeна ограда. Од македонското МВР за Дојче Веле изјавија дека во моментов не се работи на подигнување жичeна ограда на границата кон Грција, туку се расчистува теренот, согласно заклучоците од седницата на Советот за национална безбедност одржана за време на викендот.
Повиците за поголема контрола, особено по атентатите во Париз, се зголемија во западноевропските земји, откако се јавија индиции дека еден од осомничените атентатори се инфилтрирал меѓу бегалците кои минувале низ балканската рута.
Нова политика кон бегалците
Портпаролката на УНХЦР Мелита Суњиќ вели дека Србија започнала со новата политика од средата попладне. „Од 6 часот попладне во средата, Србија започна да ги враќа бегалците назад во Македонија, сите кои не се Сиријци, Ирачани или Авганистанци“.
Овие три националности го сочинуваат големото мнозинство од стотиците илјади бегалци кои минаа низ Балканот последните месеци со надеж дека ќе стигнат до западна или северна Европа. Според податоците на македонското МВР, од јуни годинава властите им издале вкупно 258.417 потврди на странски државјани за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, од кои најбројни се државјаните на Сирија 158.986, потоа Авганистан 56.773, Ирак 21.228, Иран 6.231, Пакистан 5.416 и други земји.
Дел од мигрантите кои денеска пристигнале во близина на српскиот град Шид биле вратени од границата. Полицајците велат дека им било речено да не ги пуштаат оние со документи од Алжир, Тунис, Мароко, Бангладеш, Пакистан или Сомалија да се качат на возот кој одел кон Хрватска.
Властите во Србија и Македонија велат дека реагирале откако добиле известување од Словенија дека веќе нема да им дозволува влез на оние кои се сметаат за „економски мигранти“.
„Нема да дозволиме во Србија да влезе некој кој нема да може да го продолжи патувањето“, изјави одговорниот за бегалците во српската влада, Александар Вулин.