1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканските муслимани не се фундаменталисти

15 октомври 2010

Дебатата во германската јавност околу интеграцијата на муслиманите во општеството негативно влијае и врз припадниците на таа вероисповед, кои доаѓаат од балканските простори. Како да се справат со предрасудите?

https://p.dw.com/p/Peq1
Фотографија: DW/M. Smajic

Не сите доселеници во Германија се ставаат во ист кош. Оние од Босна и Херцеговина, на пример, не наидуваат на истиот третман како и Полјаците или Италијанците, сведочи Ениса Газибара, поаѓајќи од сопственото искуство. Порано живеела во Сараево и предавала математика, меѓутоа кога почнала војната во 1992 година со семејството побегнала во Берлин. До ден-денешен во Германија не се чувствува признато.

„Има многумина од нас со високо образование, што не ни го признаваат. Јас ништо не научив од нив (Германците), се` што знам понесов од дома. Среќна сум што добро ги израснав децата, исто како што мајка ми ме израсна мене. И тие би можеле да научат нешто од нас. Нашата толеранција! Често не` прашуваат: каква е вашата култура? Истото прашање ми го поставуваат откако сум дојдена, и тоа само затоа што кажувам дека сум муслиманка од Босна.“

„Се чудат што течно зборувам германски“

Imame und Moscheegemeinden im Integrationsprozess
М-р Еснаф БегиќФотографија: DW/Filipovic

Мерсиха Хаџиабдиќ има 21 година и доаѓа од Приједор. Пред две години се запишала на факултетот за исламски науки во Берлин и одлучила да носи шамија. Иако во Берлин живее веќе 18 години, Германците се изненадени кога ќе слушнат колку добро говори германски, а често ги шокира и насмевката на лицето на забрадените жени, вели Мерсиха: „Кога ќе им кажам дека одам на пливање или дека излегувам по кафулиња со мешано друштво, кое не е строго поделено - изненадени се. Се чудат што имам толку богат социјален живот“, додава таа.

Во текот на јавните дебати што последниве денови се водат околу интеграцијата на муслиманите во Германија, се појавуваат политичари, кои со своите радикални и паушални изјави околу исламот на популистички начин ги задоволуваат стереотипите и клишеата, а притоа купуваат и политички поени“, вели магистер Еснаф Бегиќ, од катедрата за исламска религиска педагогија на Универзитетот во Оснабрик, додавајќи дека дебатата се однесува на сите муслимани во Германија, а со тоа се разбира и на оние кои доаѓаат од Балканот.

Балканските муслимани да го кренат гласот

Moschee Bosnien
Балканските муслимани да излезат од сенката на останатите - порачуваат експертитеФотографија: DW

„Кога некој германски политичар во јавноста говори за исламот генерално, тогаш не се прави разлика меѓу муслиманите од Палестина, Саудиска Арабија, Турција или Авганистан. Тоа е општа слика, што ги вклучува и муслиманите од Босна и Херцеговина, Санџак, Косово и Албанија, без оглед на нивната верска умереност“, коментира балканологот и берлински новинар Рудигер Росиг.

Тој има рецепт за борбата против ваквата генерализација: „Верниците-муслимани треба да бидат погласни и на германската јавност да и` стават до знаење дека не се фундаменталисти, туку дека исламот на Балканот функционира како протестанизмот во Данска или на северот и истокот на Германија. Одете и кажете им на демонстрантите: кај нас не се носи ни бурка, ни фереџе, ни никаб, ни нешто слично.“

Автор: Селма Филиповиќ/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска