1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките мирно си перат валкани пари – и никому ништо!

Мануела Каспер-Клериџ
29 септември 2020

Два билиони сомнителни долари веројатно се испрани преку големите банки. Каде е јавниот излив на бес? Каде е притисокот врз банките? Тоа нѐ засега сите нас, коментира главната уредничка на ДВ, Мануела Каспер-Клериџ.

https://p.dw.com/p/3j989
FinCEN Files / Banken Kombolbild

Гневна сум. Во какво општество живееме кога мнозинството луѓе само слегнуваат со раменици на веста дека бројни банки трансферирале две милијарди долари со нејасно потекло?

„Нејасно потекло" всушност значи дека веројатно криминалци испрале пари преку банките. Меѓу нив се мафијаши и контроверзни олигарси. Помина повеќе од една недела  откако се објавени т.н. ФинЦЕН досиеја, откритие на 400 новинари ширум светот.

Каде е јавниот револт?

Така со задоцнување добивме увид во мрежи низ кои течат милијарди долари. Но, зошто изостанува излив на јавен гнев? Каде се барања за оставки на директорите на банките? Наместо тоа гледаме дека на многумина им е сеедно, во стилот: па и онака тука ништо не може да се промени.

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-КлериџФотографија: DW/R. Oberhammer

Во сомнителни бизниси се вплеткани големи банки како Дојче банк, ХСБЦ или ЏП Морган, значи банки во кои тековни сметки имаат и многу обични луѓе. Тие банки вртеле глава, а сомнителните трансакции ги пријавувале или со задоцнување или никако. Тие банки имаат проблем со сфаќањето на моралот. 

Банките во служба на нарко-картелите

И нарко-картелите користат услуги на тие банки. Половина милион луѓе во светот секоја година умираат од последици на конзумирање дроги, но картелите кои произведуваат и препродаваат кокаин и хероин цврсто можат да сметаат на тоа дека со комплицираните трансакции во еден момент нивните пари ќе станат чисти. Перењето пари функционира, зашто системот на контрола не е добар.

Тие уплати и исплати на крајот чинат човечки животи. Затоа тоа нѐ засега сите нас. И затоа нешто мора да се промени.

Повеќе:

ФинЦЕН: На трагата на валканите пари и потфрлањето на банките

ФинЦЕН: Како големите банки да се изведат пред лицето на правдата?

ФинЦЕН: што преземa ЕУ против перењето пари?

Нашиот банкарски систем веќе не е во склад со времето. Желбата за профит е во ред, но само ако тој се стекнува во согласност со правилата. Во САД веќе постои правило банките да мораат најдоцна за еден месец да пријават сомнителни трансакции, но кон тоа правило никој не се придржува. Новинарското откритие покажа дека банките сомнежите за перење пари во просек ги пријавуваат по шест месеци. Очигледно е дека системот не функционира.

Засилување на јавниот притисок врз банките

Изгледа дека на банките не им се брза баш на истражителите да им стават на располагање податоци за своите клиенти заради олеснување на истрагата. Тоа мора да се промени. Јавниот притисок врз банките мора да биде толку голем да се чувствуваат принудени веднаш да пријават сомнителни трансакции. Перењето пари не смее да стане деловен модел кој се толерира.

Слабата контрола ѝ наштетува на економијата и на сите нам. Криминалните текови мора да бидат запрени, зашто во крајна линија, станува збор и за наши пари. Значи, имаме доволно причини да бидеме гневни.

 

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC