Поедноставни правила за доселување стручњаци во Германија
23 јули 2022Ресорните министри од семафор-коалицијата го направија нацртот за реформата на Законот за доселување на стручна работна сила. „Сакаме странските стручњаци полесно и побрзо да си го најдат патот до Германија“, пишуваат министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за труд Хубертус Хајл во гостински прилог во весникот „Ханделсблат”.
Во текстот најавуваат дека ќе го отворат пазарот и за стручњаци кои имаат договор за работа, но сѐ уште не и призната диплома во Германија. Документацијата може да се надополни и подоцна, со помош на германскиот работодавец, предлагаат министрите.
Претседателот на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), Петер Адријан, го поздравува ваквиот план. Тој за „Ханделсблат“ укажува на итноста на таквата иницијатива: „Во Германија во следните десет години мора да го компензираме демографски наметнатиот недостаток на четири до пет милиони работници.“
Да се олесни стекнување на „сина карта“
Сојузната влада планира реформа на Законот за доселување на стручна работна сила кој е на сила од 1 март 2020. Фезер и Хајл се жалат дека системот за доселување е сѐ уште „бавен, пребирократски, преодбивен”. Семафор-коалицијата презела иницијатива тоа да го смени.
За разлика од сега, се планира за влез во земјата да биде доволно да се поднесе доказ за завршено образование и работно искуство. Постапката за признавање на дипломите може потоа се води по доселувањето и паралелно со работењето.
- повеќе: Во Германија виза за работа добиле 13,5 илјади луѓе со македонски пасош
Покрај тоа, во иднина од млади дипломци нема да се очекува да заработуваат подеднакво колку и лицата со искуство, за да може да влезат во земјата со „сина карта“. „Ги намалуваме границите за приходи. И со тоа овозможуваме млади добро едуцирани лица полесно да фатат чекор во професијата“, објаснуваат Фезер и Хајл.
ДИХК бара „културолошка промена“
Ахим Деркс, заменик шеф на ДИХК, нагласува дека „недостигот на стручњаци, според актуелните анкети, е вториот најголем ризик за бизнисот. Повеќе од секоја втора компанија е погодена од тоа."
- повеќе: Германската влада планира олеснет влез за странски работници и во гастрономијата
Комората притоа особено се жали на „траењето на управната постапка за издавање на дозвола за престој и за работа". Причините за тоа Деркс ги гледа во бирократијата. „Тоа почнува со постапката за издавање виза, кога документи се праќаат низ цел свет и завршува со соработниците во администрацијата кои комплексните правила не секогаш ги спроведуваат транспарентно и на ист начин. Такви проблеми во реализацијата нема да се решат само со реформа на параграфите во законот."
Треба да се спроведе „културолошка промена“ во администрацијата, но и да се даде практична поддршка. „Така, на пример, од помош би можела да биде веќе една дежурна линија на Министерството за внатрешни работи, каде вработените на Службите за странци може да прашуваат околу деталната регулатива и да добијат поддршка."
- повеќе: Германија „плаче" по работници од Балканот
Да се олесни учењето јазик
Друга пречка за брзо доселување на странска работна сила е тоа што се бара целосно поклопување на странската квалификација со домашната. Деркс околу ова вели: „Речиси сите земји во светот имаат различни образовни системи од оној во Германија.“ Наместо тоа, во иднина треба да е доволно да се докаже „делумна истородност на квалификациите и договор за работа, за лицето да може да се досели и да започне со работа”.
Важна точка за доселување на стручна работна сила е учењето на германскиот јазик, бидејќи токму за „мали и средни претпријатија без меѓународен контекст тоа е еден од најважните критериуми за вработување“, вели Деркс. Оттука, се предлага во странство да се нуди настава, на пример преку Гете-институтите. „Оделни претставништва на коморите исто така нудат курсеви по германски јазик", велат од ДИХК. „Тоа би можело заеднички да се надградува.“