Бајден ги повика Американците итно да ја напуштат Украина
11 февруари 2022„Овде сме соочени со една од најголемите армии во светот“, изјави Бајден укажувајќи на трупањето руска војска на границата кон Украина. „Тоа е целосно поинаква ситуација и работите брзо можат да излезат од контрола. Затоа Американците треба сега да ја напуштат Украина“, изјави претседателот за ТВ ЕнБиСи. Бајден истовремено го предупреди својот руски колега Владимир Путин да не им наштетува на американските државјани. Тој се надева дека Путин, „доколку би бил толку глупав да навлезе во Украина, сепак е доволно разумен да не преземе ништо што би се одразило негативно врз американските државјани“.
Без оглед на своите стравувања, Бајден повтори дека под никакви околности нема да испрати американски трупи во Украина, ни заради спасување на американски државјани во случај на руска инвазија, зашто тоа би предизвикало светска војна. „Ако Американците и Русите почнат да пукаат еден врз друг, тогаш ќе се најдеме во сосема друг свет“.
Изјавите на Бајден означуваат нова кулминација во екот на динамичната дипломатија меѓу Вашингтон, Москва, Киев и различните европски престолнини. Американската влада веќе во јануари им препорача на своите државјани да ја напуштат Украина поради непрегледната сиуација. Истовремено тогаш беше наредено повлекување на семејствата на дипломатскиот персонал во Киев и Американците беа предупредени да не патуваат во Русија.
Американскиот министер за надворешни работи Етони Блинкен, кој се наоѓа во Австралија, денеска предупреди дека Русија во секој момент може да изврши инвазија врз Украина, дури и пред крајот на Олимписките игри во Пекинг, кои траат до 20 февруари.
Русија, според наводи на Западот, во изминатите месеци има стационирано преку 100.000 војници на границата кон Украина, што кај Украина и кај Западот предизвикува страв од можен руски напад врз соседната држава. Москва постојано дематира планови за напад, истакнувајќи дека се чувствува под закана од НАТО.
Дополнителна загриженост кај Западот предзвикуваат руско-белоруските воени маневри кои почнаа вчера во близина на границата на Белорусија со Украина. САД тврдат дека Русија за десетдневните воени вежби таму има преместено 30.000 свои војници.