Бајден: „Путин ќе ја нападне Украина“
19 февруари 2022Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека е уверен оти рускиот претседател, Владимир Путин, решил да изврши натамошна инвазија на Украина и дека има „причина да верува“ оти тоа ќе се случи „во наредните денови“, како и дека нападот ќе го опфати и главниот град Киев.
По повеќе недели откако САД зборуваа дека не се сигурни дали Путин донел конечна одлука да тргне во инвазија, Бајден вчера за новинарите изјави дека таа проценка се променила.
„Од овој момент уверен сум оти тој ја донел таа одлука. Имаме причина да веруваме во тоа“, изјави Бајден.
Повеќе: „Бараме докази за руското повлекување од украинската граница“
Тој наведе „значителни разузнувачки капацитети“ кои на САД им овозможуваат да ја направат таа проценка.
Тој ја повтори својата закана за воведување огромни економски и дипломатски санкции ако Русија ја нападне Украина и го повика Путин да ги преиспита своите намери. Бајден рече дека САД и нивните западни сојузници се обединети повеќе од кога било порано да осигураат Русија да ја плати цената за таа инвазија. Бајден, исто така, ѝ порача на Русија дека „не е предоцна“ за дипломатија.
Слична изјава даде и германскиот канцелар Олаф Шолц по телефонскиот разговор со Бајден и со други западни шефови на држави иили влади, како и со претставници на НАТО и на ЕУ.
Централната задача сега е „да се држи отворен прозорецот на дипломатијата“. Сепак, со оглед на тоа што повеќе од 150.000 руски војници се распоредени на границата со Украина, постои „многу реален“ ризик од руски напад.
Американскиот претседател, инаку, најави оти државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, ќе се сретне со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во четврток наредната недела во Европа.