1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн мора да си ги „излечи раните“

ЕМФ/дпа30 април 2014

Бајерн Минхен беше „збришан“ од Реал Мадрид. Сонот за повторен триумф во Лигата на шампиони и по втор пат освојување на „тројна титула“ - се распрска. Но сезоната уште не е завршена.

https://p.dw.com/p/1Br8q
Фотографија: picture-alliance/dpa

По жестокиот полуфинален нокаут од Реал Мадрид, симнатите од тронот минхенчани пробуваат да си дојдат на себе. „Сега мора да ги зачуваме нервите“, опомена првиот човек на Управниот одбор на Бајерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге по катастрофалниот пораз од Шпанците од 0:3. Тоа, заедно со резултатот од првиот натпревар (0:1), значи најкатастрофален пораз на Бајерн воопшто досега во Лигата на шампиони.

Адиос одбрана на титулата во ЛШ, адиос тројна титула - соништата за уште една историска сезона се распрснаа вчеравечер (29.04) на арената во Минхен, пред 68.000 шокирани гледачи.

Champions League Halbfinale FC Bayern München - Real Madrid CF
Реал оди во финалеФотографија: picture-alliance/dpa

„Малку протресување“ и „брзо зацелување на раните“ гласат првите совети од шефовите на Бајерн, по пропуштената шанса за влез во финалето на ЛШ, што ќе се игра на 24 мај во Лисабон. Во финалето Реал Мадрид ќе се соочи или со градскиот ривал Атлетико, или со Челзи.

„Денеска по муцка добивме 0:4“, оцени драстично по натпреварот Арјен Робен и побара: „Прифаќање на поразот, плачење, одење дома и продолжување. Мора да ја кренеме главата, пред нас имаме уште финале во Купот.“

Champions League Halbfinale FC Bayern München - Real Madrid CF
Гвардиола ја презема вината за поразот врз себеФотографија: Getty Images

Финалето на германскиот куп против Борусија Дортмунд ќе се игра на 17 мај во Берлин. По повторно освоеното прво место во Бундеслигата, ако се освои и Купот можна е двојна титула за Бајерн. По тоа ќе се оценува и успешноста на првата година на Пеп Гвардиола во Минхен. Тренерот ја презема врз себе одговорноста за поразот од Реал: „Тоа беше огромна грешка на тренерот“, рече 43-годишниот Гвардиола самокритично, додавајќи: „Причината за поразот е што немавме посед над топката. Кога против овие извонредни играчи на Реал немаш контрола над играта, немаш никаква шанса.“