Бајерн победи во дербито на сезоната
5 април 2010Тимот на Бајерн Минхен по вторпат за 10-ина дена протатне низ Гелзенкирхен и го совлада главниот ривал за титулата Шалке. Баварците овојпат победија со 2:1 и го презедоа врвот на табелата со 59 бода, еден повеќе од Шалке. Тренерот на Бајерн, Луис Ван Хал по мечот делуваше задоволен.
„Мислам дека беше тежок натпревар. За среќа успеавме да постигнеме два гола, а во второто полувреме не му дозволивме на противникот ниту една шанса за гол. Затоа сметам дека победата е заслужена“.
На другата страна, тренерот на Шалке Феликс Магат се обидуваше да биде умерен, иако незадоволството беше видливо.
„Уште од почетокот нашата игра не беше насочена кон напред. Немавме добро темпо, не извршивме доволно притисок и игравме плашливо. Со таква игра не може да се победи против врвен тим“.
Нов кикс на Бајер Леверкузен, кому сега му е загрозено и третото место на табелата, иако до пред извесно време беше на лидерската позиција. Третиот пораз по ред, фудбалерите на Бајер го забележаа на гостувањето кај Ајнтрахт со 3:2. Тренерот Јуп Хејнкес по мечот беше лут на бекот Даниел Шваб кој непотребно заработи црвен картон.
„Повеќе пати сум кажал дека е многу важно на мечот да се влезе со 11 играчи, но и со исто толку да се напушти теренот. Особено во оваа фаза во која се наоѓаме многу важно да се биде концентриран и да не се случуваат вакви грешки“.
Борусија (Д) во битка за Лигата на Шампионите
По поразот Леверкузен остана на третата позиција, но сега има само еден бод предност пред Борусија Дортмунд, која повторно победи, овојпат со 2:1 во малото дерби против Вердер. Сепак, тренерот Јирген Клоп не беше многу задоволен од претставата на неговите избраници.
„Одигравме лошо второ полувреме во кое Вердер со долги топки успеа да направи многу шанси и да доминира на теренот. Притоа имавме безброј шанси преку контранапади но не искористивме ниту една. Оттука мислам дека е добро што денеска успеавме да победиме“.
По слабата есен, за место во европските натпреварувања се бори и тимот на Штутгарт. По победата од 2:1 над Борусија Менхенгладбах, Штутгарт сега заостанува само четири бода зад 6-то место на Вердер кое води во Евролигата.
Се’ подраматична е и во битката за опстанок. Нирнберг забележа многу значајна победа од 2:0 за излез од зоната за испаѓање на домашен терен против Мајнц. Сега тимот се наоѓа на 14-та позиција со 28 бода. Едно место подолу, со исто толку бодови се наоѓа тимот на Бохум кој ова коло ремизираше на гостувањето кај Фрајбург. Конечните 1:1 не им одговараа на домаќините кои сега останаа на 16-та позиција која води во доигрувањето за опстанок.
Нова надеж за Херта и Хановер
Последните два тима на табелата, Хановер и Херта остварија позитивни резултати викендов. Позадоволни ќе бидат фудбалерите на тимот од Берлин, кои успеаја да ги однесат трите бода од гостувањето кај Келн. Со победата од 3:0, фудбалерите на Херта стигнаа до 22-от бод сезонава и сега ги делат само три бода од место кое не води директно во втората лига.
Иако не победија, причина за задоволство имаа и играчите на Хановер кои успеаја да извлечат бод на тешкото гостување кај Хамбургер. За тренерот Мирко Сломка, тоа беше еднакво на победа.
„Освоивме само еден поен, но ова е за нас една морална победа. Успеавме добро да одиграме во одбраната, а и целиот тим добро одработи. Задачата беше да се одбрани тој еден бод, и мислам дека со голема борба успеавме тоа да го сториме“.
Во последниот меч, во неделата, екипата на Волфсбург и дефинитивно се збогува од можноста да ја одбрани шампионската титула, но ги задржа шансите барем за настап во Европа. Новата победа овојпат дојде над тимот на Хофенхајм, со убедливи 4:0, иако односот на силите на теренот воопшто не говореше во прилог на таков резултат, а Волфсбург често беше во подредена улога.
Фетел убедлив во Малезија
Возачот на Ред Бул, Германецот Себастијан Фетел триумфираше на трката за Големата награда на Малезија што се возеше на патеката во Сепанг. Фетел ја заврши трката пред клупскиот колега Марк Вебер, кој целта ја помина со заостанување од пет секунди. Третото место го освои возачот на Мерцедес, Нико Розберг, со заостанување од 13,5 секунди зад победникот.
Возачот на Рено, Роберт Кубица го зазеде четвртото место, а Адријан Сутил на Форс Индија заврши петти. Возачите на Мекларен, Луис Хамилтон и актуелниот светски шампион Џенсон Батон ги освоија шестото и осмото место, а седми беше Фелипе Маса од Ферари. Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо мораше да се откаже од трката два круга пред крајот поради дефект на моторот, а низ целта не помина ниту седумкратниот освојувач на титулата, Михаел Шумахер.
Следната трка ќе се вози на 18. Април за Големата награда на Кина во Шангај.
автор: БГ/дв/афп
редактор: Александра Трајковска