1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правда за Давид наместо новогодишна прослава

Драган Максимовиќ
31 декември 2018

Во Бања Лука вчера беше откажан концертот на Харис Џиновиќ поради блокадата на демонстрантите кои бараат правда за Давид Драгичевиќ. Милорад Додик порача дека тие ја преминале секоја граница...

https://p.dw.com/p/3AoQF
Bosnien | Proteste nach  Mord an Student  David Dragicevic
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/A. Emric

Полицијата вчера го одобри протестот „Правда за Давид“, а времето предвидено за него беше од 18 до 20 часот. По повикот на Давор Драгичевиќ да бидат уапсени одговорните за смртта на неговиот син Давид , групата од околу 2000 луѓе се упати во протестна прошетка по улиците на Бања Лука. Претходно Давор Драгичевиќ порача дека нема да си замине од плоштадот Крајина додека министерот за внатрешни работи на Република Српска не поднесе оставка.

Протест без концерт

„Барањата се стари осум месеци. Не си заминувам одовде“, порача Давор Драгичевиќ повторувајќи дека постои снимка од киднапирањето на неговиот син и потсетувајќи на неговото апсење на 25 декември. 

Bosnien und Herzegowina Proteste in Banjaluka
Фотографија: DW/D. Maksimović

Неколку стотини метри оттаму сѐ беше подготвено за одржување на концерот на Харис Џиновиќ. За време на протестната прошетка, граѓаните застанаа на тоа место и бараа откажување на концертот.

Откако стотина од нив се вратија на плоштадот Крајина, заедно со Драгичевиќ, интервенираше Единицата за поддршка на МВР на Република Српска која ги растера насобраните граѓани и уапси неколку лица. Полицијата потврди дека меѓу уапсените не е Давор Драгичевиќ.

„Поразителни случувања“

Реагираа и градските власти. Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ изрази жалење поради откажувањето на концертот, велејќи дека овие настани се поразителни за мирна и граѓанска Бања Лука. Тој истакна дека со протестот се сака да се испрати грда слика, а Бања Лука да биде вратена во вртлогот на немири.

Повеќе:

-Бањалучкиот пендрек по мртвото дете

-Бања Лука: Ова е само почеток?

Радојичиќ ги критикуваше демонстрантите дека ги оневозможиле граѓаните кои со семејствата дошле на концертот на регионалната музичка ѕвезда да уживаат во него.

„Како што слушам, имало штета и на опремата за озвучување. Концертот не можеше да се одржи, иако Харис Џиновиќ дојде. Мислам дека е жално оти една група, практично во центарот на градот ја наметна својата волја“, истакна Радојичиќ.

Додик: Надминати сите граници

Долго не се чекаше ниту на реакција од врвот на власта во РС. Милорад Додик, српскиот член на претседателството на БиХ, пред протестите рече дека тие нема да ја „урнат Република Српска“. Тој по протестите и инцидентите синоќа во Бања Лука истакна дека демонстрантите ја надминале „секоја граница“:

Bosnien und Herzegowina Proteste in Banjaluka
Фотографија: DW/D. Maksimović

„Ќе го поддржам законското постапување на полицијата, организаторите мора да одговараат, бидејќи не го организираа и спроведоа собирот на адекватен начин. Сите кои беа насилни, треба да бидат приведени и да одговараат за тоа“, наведе Додик, порачувајќи дека протестите треба да бидат забранети и ги повика бањаључани да го кренат гласот против ваквото однесување, бидејќи, како што рече, ова нема врска со вистината и правдата.

Од друга страна, опозицијата ја осуди, како што рече, уште една непотребна примена на сила против граѓаните кои бараат разјаснување на случајот Драгичевиќ. „Илјадници граѓани ја бараа вистината, за на крајот стотици специјалци да се нафрлат на дваесетина луѓе. Непотребна и неверојатна примена на сила!“, напиша на Твитер, Бранислав Бореновиќ, лидер на Партијата на демократски прогрес.

Без новогодишна прослава?

Прославата на Нова Година е закажана за вечерва на истото место на кое требаше да се одржи откажаниот концерт на Харис Џиновиќ. Најавени се настапи на Жељко Самарџиќ и Никола Роквиќ, а дел од граѓаните најавија дека ќе дојдат за да ја спречат новогодишната прослава со пораката. „Нема славје додека не бидат пронајдени убијците“.