1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот - „предворје кон пеколот“

Избор: З. Јордановски20 октомври 2015

Западот сака да го намали приливот на бегалци, но тие тогаш ќе се натрупуваат на Балканот. Ако дојде до хуманитарна катастрофа, виновни ќе бидат државниците од ЕУ, пишуваат германските весници.

https://p.dw.com/p/1Gqz4
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Весникот „Ди Велт“ известува за вчерашните настани на српско-хрватската граница, кога илјадници бегалци изложени на дожд и студ чекаа таа да биде отворена. Мелита Суњиќ, претставник на УНХЦР, ситуацијата ја опишала како „предворје кон пеколот“. Хрватска вечерта ја отвори границата. „Проблемот сепак со тоа не е решен. Оти, сцените од Србија се повторија на границата меѓу Словенија и Хрватска“. Словенија не сакала да го пушти возот кој од Хрватска носел 1800 бегалци. „Владата во Љубљана изјави дека понатаму ќе прима и регистрира само до 2500 бегалци. На патот на бегалците кон север, Словенија со тоа стана тесно грло. Со часови бегалците бараа патишта за илегално да влезат во Словенија, додека хрватските полицајци ги спречуваа да се вратат. (...) Атмосферата се загрева, земјите се затвораат, за да спречат наплив на маси луѓе. Повикот на Словенија за помош е дел од верижната реакција на југоисточните членки на ЕУ. А ќе биде уште полошо“, предвидува „Ди Велт“, укажувајќи дека УНХЦР проценил оти околу 10 000 луѓе се наоѓаат на трасата низ Балканот, кои ден пред тоа преку Грција и Македонија допатувале во Србија. Весникот ги пренесува и зборовите на Суњиќ дека „’мора да биде изнајдено некое регуларно европско решение‘. Но, на почетокот од неделата ни оддалеку нема нешто такво. Словенија ја обвинува Австрија дека прима премалку бегалци. Виена го оспорува тоа. А Хрватска ја критикува Словенија дека од 5100 бегалци, колку што дневно доаѓаат, дозволува да поминат само дел. (...) Решение на кризата не е на повидок - грчката крајбрежна стража во Егејот спаси 2651 бегалец. Цел на најголемиот дел од нив: Германија“.

Бегалците - топка во играта на различните интереси

И весникот „тац. ди тагесцајтунг“ ги опишува сцените од граничните премини и притоа констатира: „Додека Германија и Австрија бараат намалување на бројката на оние што ја преминуваат границата, бегалците под делумно драматични услови се натрупуваат кај јужните соседи. (...) На дожд и 8 степени Целзиусови, без храна и медицинска грижа, бегалците така станаа топка во играта на противречните интереси на транзитните држави“.

Slowenien Kroatien Flüchtlingskrise
Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во прилогот со наслов „Со мака од граница до граница“, покрај другото, пишува: „На викендот и словенечкиот, како и хрватскиот министер за внатрешни работи јасно кажаа дека по затворањето на границите од страна на Унгарија, нивните земји ќе можат да го организираат транзитот на бегалците се’ додека Австрија и Германија потоа ќе ги примаат бегалците. Во спротивен случај домино-плочките многу бргу ќе паднат спротивно на насоката на движење по балканската рута. Сега се покажува дека тој ефект се заканува да настапи веќе при мало намалување (на протекот на бегалци - н.з.). Тоа би биле последиците ако Германија на своите граници воспостави транзитни зони, како што бараат ЦСУ и покраината Баварија. Според нивните замисли, во зоните би се вршело регистрирање и некој вид првично сортирање. Кој доаѓа од безбедна трета земја, треба да може веднаш да биде вратен назад“, објаснува ФАЦ.

Но, тоа не е едноставно, вели австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во разговор за ФАЦ: „Ние како ЕУ имаме принципиелен проблем дека е тешко изводливо некој да биде вратен, дури и кога не му е признат статус на бегалец. Мораме стратегиски да одиме уште чекор напред и барања за азил да примаме надвор од ЕУ. Тогаш и најсиромашните од сиромашните имаат шанса, а не само оние кои се доволно силни или имаат доволно пари за шверцерите на луѓе“.

ЕУ - со отворени очи кон катастрофа

За крај, уште еднаш „Ди Велт“, кој за евентуалниот застој во транзитот и натрупување на бегалци во земјите од Западен Балкан коментира: „Опасното во тоа првенствено е дека очајот и лутината на луѓето на лице-место наскоро ќе се претворат во насилство. Кој мора под пластични фолии да се штити од дождот и со запален оган да се штити од студот, по толку мачење кога и да е ќе го загуби чувството за соживот. На Балканот сега се заканува беспримерна борба за распределба (на бегалците -н.з.), а најлошото во тоа е дека ништо не е изненадувачко. Можеше да се предвиди дека земјите од Југоисточна Европа кога и да е, поради неможност да се справат, ќе истакнат бело знаме. Беше предвидливо и дека напливот на бегалци ќе ја стави на проба готовноста на посиромашните држави на ЕУ да помогнат. И покрај тоа, ЕУ со отворени очи западна во таа ситуација, без навремено да се усогласи за една заедничка стратегија. Едно унилатерално ’ние ќе излеземе на крај со тоа‘ (ветувањето што го даде канцеларот Ангела Меркел во врска со бегалците - н.з.) помага исто толку малку, колку и оградите на Источноевропејците, кои ни на сон не помислуваат да се приклучат кон ветувањето на Меркел. (...) Сега, кога не само Унгарија ги затвора своите граници, мора на сите шефови на влади на ЕУ да им биде јасно: тие ќе бидат одговорни за хуманитарната катастрофа, ако не постигнат согласност“ - недвосмислено порачува „Ди Велт“.