Длабоко поделено општество
20 октомври 2015„Чувствуваме дека бранот бегалци ќе ја промени нашата земја“, изјави германскиот претседател Јоахим Гаук пред неполни четири недели. Колку брзо и во кој правец се менува Германија е ужасно. Ужасно, но не и изненадувачки. Бруталниот напад со нож врз Хенриете Рекер- која во меѓувреме беше избрана за градоначалник на Келн- е само моментална кулминација на растечкото радикално расположение во нашето општество.
Веќе со недели, омразата го покажува своето грдо лице на форумите на водечките информативни програми како и на социјалните мрежи. Луѓето шират теории на заговор и заменуваат озборувања за факти. Полемизираат и навредуваат, најчесто тоа е насочено кон канцеларката Ангела Меркел. „Предавник на народот“ и „бегалска курва“ се најчестите етикети кои таа ги добива. И тоа не доаѓа повеќе само од анонимните коментатори на интернет, може да се слушне дури и на јавни настапи.
Бесилки и пожари
Пред една недела се појавија бесилки на маршот на Пегида во Дрезден со две симболички места: едното за канцеларката Меркел, и другото за вицепремиерот Зигмар Габриел. Речиси секојдневно читаме вести за напади и опожарувања на бегалски центри- вистинско чудо што досега никој не го загуби животот. Врвот на насилството беше саботниот, речиси смртоносен, напад врз кандидатката за градоначалник на Келн, чија работа во градските социјални служби вклучуваше и грижа за сместувањето на бегалците.
Сето ова нема никаква врска со „инциденти“ или легитимен отпор на „загрижени граѓани“ против владината бегалска политика. Ова што го гледаме е тероризам. Не од организиран вид, но сепак се случува низ целата земја. Ниту една покраина и практично ниту еден географски регион досега не беше поштеден од напади.
И нападот врз Рекер, високо рангиран политичар, не се случи во Саксонија на теренот на Пегида, туку во голем град кој се смета за најлиберална и отворена метропола во Германија.
Но, на интернет-форумите навредите и нападите продолжија и по нападот врз Рекер, како тоа да не беше отворен напад врз нашето отворено, демократско општество: тоа не е голема загуба, таа тоа го заслужи, ова е само почетокот- велеа некои на интернет. Длабокиот (и непремостлив?) јаз кој денес го дели германското општество никогаш не бил поочигледен.
Огромен предизвик
Во неделата Хенриете Рекер беше избрана за градоначалник на четвртиот по големина град во Германија додека сѐ уште се наоѓаше во вештачка кома по операцијата. Не се работеше за тоа дека гласачите се сожалиле за неа, па и го дале гласот- анкетите го предвидоа истиот исход на изборите уште неколку недели претходно. Важно беше изборите да се одржат и покрај нападот, рекоа првите луѓе на градот, затоа што на терористите и на насилните криминалци не треба да им се дозволи да ја утврдуваат агендата. Тоа е точно.
Сепак, излезност на гласачите од 70 или 80 проценти на денот на изборите ќе беше уште поимпресивен сигнал. Тоа ќе обезбедеше мандат кој ќе ја зајакнеше демократијата. Како што стојат работите, мора да признаеме дека речиси 60 отсто од граѓаните на Келн не се загрижени за јавните работи.
Досега мнозинството Германци не ја разбираат енормноста на предизвикот со кој се соочува нивното општество во есента 2015 година. Не само што огромен број луѓе треба да бидат сместени и интегрирани; треба да се сочуваат и основните вредности на нашето општество. Прво и најважно, не против наводните радикалните исламистички мигранти кои не плашат, туку против противниците на демократијата и слободата во нашите сопствени редови.