Бегалците сакаат да ја „протрчаат“ Македонија
12 ноември 2015Реза во новиот транзитен центар пред вратите на пограничниот град Гевгелија чека на продолжување на својот пат, целта, како и на мнозинството од 7.000 бегалци тој ден, му е - Германија. Пред бегството, тој работел како преведувач за Бундесверот во авганистанската провинција Кундус - се‘ додека германските војници не беа повлечени оттаму. „Тогаш дојдоа талибанците и од мојот и животот на моето семејство направија пекол“, ја опишува Реза ситуацијата која го натерала на бегство. Но, до новиот почеток на кој се надева во Германија, лежи долг пат. По два месеци поминати во бегство, исполнети со страв и хаос, во Македонија се‘ тече без проблеми. Прво бил регистриран, па нахранет, му било овозможен дури и топол туш. Низ кордон од погранични полицајци, во мали групи, бегалците се пренесувани потоа од транзитниот центар до импровизираниот сообраќаен јазол на крајот од прашливата улица. Таму на бегалците чекаат стотици такси возила, околу 40 автобуси и пет вонредни возови за да ги однесат до северната граница на земјата, кон Србија.
Граничната полиција: „Бегалците не остануваат овде ни три часа“
Гојко Лазарев од македонската гранична полиција е одговорен за организацијата на транзитниот центар. Од пред неколку недели овде се внимава многу на редот и дисциплината. Не само поради тоа што летоска светот го обиколија поинакви слики од Гевгелија: преоптоварените полицајци тогаш со тепање пречекуваа дојденци од Сирија, Ирак или Авганистан. Освен тоа, големата жештина предизвика неподносливи услови. Често истовремено доаѓаа по десетици илјади бегалци, без во Македонија да е обезбеден минимум за нивно основно згрижување.
Во меѓувреме, во септември на полињата недалеку од „зелената граница“ беше подигнат мал град од шатори. Еден т.н. „привремен транзитен центар“, во кој дневно беа регистрирани по 1.500 бегалци, обезбедени со храна и со можност оттаму да бидат испратени на натамошен пат. Стриктна процедура, во која многумина бегалци повеќе гледаа шиканирање отколку нужна мерка, вели полицаецот Лазарев. „Тие најрадо би сакале по илјада одеднаш да влезат во транзитниот центар и веќе по пет минути да седат во возот кон Запад.“
Инаку, само промена на законот овозможи бегалците воопшто да влезат легално во Македонија. Во меѓувреме тие имаат рок од 72 часа организирано и контролирано да пропатуваат низ земјата или тука да побараат азил. Последново досега речиси никој не го направил. „Во просек, бегалците поминуваат околу три часа кај нас“, вели Лазарев, видно горд на подобрувањето на состојбата.
Александара Краузе од УНЦХР му дава за право. Германката, ангажирана во рамките на Организацијата на ОН за бегалци, ги истакнува позитивните промени во односот кон бегалците: „Тоа го констатирам и кај полицајците, во нивниот третман на бегалците, во тоа што научија и понекој арапски збор за да можат подобро да си ја вршат работата“, ги пофалува Краузе.
Проблеми постојат првенствено во директниот контакт со авганистанските бегалци, зашто од десетмината преведувачи во транзитниот центар, ниту еден не може да се разбере со нив. „Многумина овде истакнуваат дека Авганистанците настапуваат поагресивно од другите бегалски групи. Мојот впечаток е оти е тоа едноставно израз на фрустрацијата, на чувството на незнаење каде се наоѓаат и зошто повторно треба да чекаат.“
На граничниот меѓник број 59 се чека нон-стоп
На бегалците кои доаѓаат им е потребно големо трпение, пред се‘ кај граничниот меѓник број 59. Тој се наоѓа на оддалечност од околу 600 метри од новиот транзитен центар и ја маркира границата меѓу Грција и Македонија. Овде на денот кога ние бевме присутни, околу 50 гранични полицајци формираа човечки ѕид пред блокираната железница. Меѓу нив и бегалците, кои седеа на земјата на грчката страна, се наоѓаше бодликава жица. Соработник на ОН со сина јакна ги молеше бегалците за дополнително трпение, за во транзитниот центар да биде спроведена следната група од 50 лица. Мало момче со јакна во дречлива боја и пријателски поглед му упадна притоа во зборот. Неговото „Океј, океј“, во моментот прозрачи зрак надеж и предизвика момент на веселост.
Денеска овде се собрани околу 2.000 луѓе, вели човекот од ОН. Многупати претходно дневно беа згрижувани над 8.000 лица, додава тој. Македонскиот пограничен полицаец Гојко Лазарев и за ноќта очекува бројни дојденци. Во зависност од одлуката на грчката гранична полиција. „Овде постои договор меѓу полицајците. Но, официјални контакти или вистинска координација на ситуацијата, нема.“ Ако ЕУ ги обезбедеше своите граници, немаше да ја има навалата во Македонија, констатира Лазарев. „А границата на ЕУ, која треба да се обезбеди, не е оваа овде, туку онаа меѓу Турција и Грција.“
Се‘ помалку Сиријци, се‘ повеќе Авганистанци
Бранот надоаѓачки бегалци е се‘уште непрекинат. Но, драстично се промени нивната почетна дестинација, вели Александра Краус од УНЦХР. На почетокот на јуни, според неа, околу 80 проценти од сите бегалци во Гевгелија доаѓаа од Сирија, тогаш само седум проценти беа од Авганистан. Сега е обратно. „Меѓу бегалците претежно се авганистански семејства“, вели Краус. Тоа предизвикува и тензии меѓу одделни бегалски групи. 25-годишниот Фејсал со своите родители избегал од Дараа од југозападна Сирија. Се чувствува неговата лутина кон оние кои ја злоупотребуваат сириската граѓанска војна за бегство од економски причини. И тој е убеден дека околу него има бегалци претежно од Иран, Авганистан, Алжир или Мароко. „Секој има право да замине ако во неговата земја владее војна. Но, ве молам, каде има војна во Алжир или во Мароко?“, прашува Фејсал.