Без победници на првите четвртфинални мечeви во ЛШ
2 април 2014Атлетико Мадрид и Бајерн Минхен се стекнаа со предност по првите четвртфинални натпревари во Лигата на шампиони.
Атлетико и Барселона и во четвртиот сезонски меѓусебен дуел одиграа без победник. Првиот четвртфинален меч на стадионот Камп Ноу заврши без победник 1:1.
Атлетико до водство стигна преку Бразилецот Диего во 56.минута, кога од 25 метри го совлада Пинто, а израмни Нејмар во 71, минута по додавањето на Иниеста. Натпреварот во Барселона пред време, поради повреди го завршија Пике и Диего Коста.
Европскиот првак Бајерн Минхен, со позитивен резултат го напушти стадионот Олд Трафорд, откако против Манчестер Јунајтед одигра 1:1.
Капитенот во заминување на Јунајтед, Видиќ, му донесе предност на домаќинот во 56.минута, а израмни Швајнштајгер десет минути подоцна. Истиот играч во 90.минута доби црвен картон.
Тренерот на Баварците Пеп Гвардиола по натпреварот изјави: „Генерално сум задоволен од нашата игра, бидејќи Јунајтед е еден од најдобрите тимови во светот. Постигнавме гол на гостински терен, што е важно, но морам да признаам дека сум среќен што ударите на Руни и Велбек не завршија во нашиот гол. Голот кои го примивме едноставно не се бранеше“, изјави Гвардиола.
Реал Мадрид-Борусија Дортмунд и Пари Сен Жермен-Челзи, денеска ќе ги одиграат своите први четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите.
Реал против Борусија ќе бара одмазда за минатосезонската елиминација во полуфиналето, додека ПСЖ ќе се обиде да обезбеди предност пред реваншот со Челзи.
„Реал е фаворит, но верувам дека мојот тим може да обезбеди добар резултат, кој во реваншот ќе ни овозможи да се бориме за пласман во полуфиналето. Ние сме аутсајдери во овој дуел, но секогаш сум говорел дека не е потребно да бидете најдобриот тим на светот, туку дека треба да ги победувате најдобрите, а Борусија може да ги победува најдобрите“, изјави тренерот на германскиот тим, Јирген Клоп.