1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безнадежната борба против шверцерите со луѓе

Барбара Везел / превод: ЕМФ28 август 2015

Смртта на 71 бегалци во унгарски камион ги врати во фокус шверцерите со луѓе. Преземањето мерки против нив не е едноставно, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1GNOu
Фотографија: Reuters/H-P Bader

Колку е подалеку местото каде што се одигруваат европските бегалски драми, толку потеоретски се дебатира околу тоа. Колку проблемот е поблиску, толку пострашен е во деталите. Такво искуство вчера имаа премиерите и претставниците на ЕУ во Виена. Од камионот паркиран на австриски автопат во меѓувреме се извадени повеќе мртви отколку што првично се стравуваше. Европската комисија грозоморното откритие го оцени едноставно како шокантно и зборува за мрачни крминални дејства против кои е неопоходна борба со сите сили. Слични изјави дадоа и канцеларката Ангела Меркел и надлежните министри. Борбата против шверцерите со луѓе во моментов е на врвот на европскиот дневен ред. Но, тој досега во голем дел е присутен само на хартија. Уверувањата имаат за цел само да ја смират јавноста и да демонстрираат активност.

Шверц со луѓе - бизнис кој цути

Експертите од пред повеќе години укажуваат на тоа дека шверцот со луѓе ја претрка трговијата со дрога и е најголем извор на приходи на организираниот криминал во светот. Прво, се работеше за жени и деца, а во меѓувреме објект на криминално искористување станаа маси бегалци. Европските институции, но и воените и полициските апарати, стојат наспроти ваквиот проблем прилично беспомошно.

На ниво на ЕУ борбата против шверцерите во моментов се одвива пред се‘ во Средоземјето. Таму е ангажирана и германска морнарица, која заедно со Италијанците и другите треба да патролира и пронаоѓа шверцерски рути и мрежи. Но, таа не може и вистински да преземе акција, туку во најдобар случај може да се обиде во толпата спасени бегалци да пронајде неколкумина сторители. Притоа, станува збор за „најситните риби“. Одамна либиските банди за управување со своите бродови ангажира момчиња кои немаат ништо со нивната организација.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Борбата против криминалците во Либија е илузија

Значи, илузија е да бидеме залажувани дека може да им се застане на пат на шверцерите со луѓе во Либија. Зад тоа стојат цели кланови до кои не може да стигне никој, зашто во земјата нема влада, а не постои ниту мандат од ОН за надворешна акција со насилство. И, да не се залажуваме - во блиска иднина нема ниту да ги има. Што се однесува до новата главна рута на бегалците преку источниот дел на Средоземното Море, значи преку Грција - локалните шверцери седат во Турција. Владата во Анкара би можела да преземе некакви мерки против нив, ако сака. Но, таа не сака, затоа што бандите и‘ ги симнуваат од врат стотиците илјади бегалци кои инаку би останале можеби на турска територија.

И, на крајот за Балканот, од каде доаѓаат луѓето кои го испратиле камионот на смртта кој во моментов не‘ потресува. Балканските држави долги години му се татковина на организираниот криминал, каде тој не е попречуван во своите активности. Мочуриштето од слаби и корумпирани влади, мафијашките структури во полицијата и правосудството и слабиот економски развој дозволија раст на криминалните банди кои одамна ги имаат распнато своите мрежи ширум Европа.

Беспомошната ЕУ

ЕУ е прилично беспомошна. Таа нема инструменти со кои може вистински да преземе нешто. Овластувањата на германската и австриската полиција, во секој случај, завршуваат на границите од двете земји. Соработката е подобрена и има успеси, како што сега покажува брзото апсење во Унгарија во врска со случајот со камионот. Но, со оглед на големината на овие криминални организации и нивната финансиска сила, ваквиот успех е ограничен. Луѓето што ги влечат конците во овие банди се некаде во своите татковини, речиси недостапни.

Значи, со средствата што стојат на располагање шверцерските банди можат тешко да се следат, а во никој случај не можат да се поразат. ЕУ и земјите членки мора или брзо и соодветно да ги организираат полицијата и безбедносните власти, или треба да престанат со големи ветувања. И, ако сето ова се стави настрана - како бегалците од Сирија или Ирак ,на кои им е потребна заштита, воопшто да стигнат до Европа ако не ги користат шверцерите? Со месеци сме сведоци на нивните опасни рути и до денес немаме најдено легални можности за нивен влез во ЕУ. Кога би имало такво нешто би му се нанесол поголем удар на бизнис-моделот на криминалните банди отколку со какви и да било воени или полициски мерки.