Белоруси во егзил: „Политички нема веќе назад“
8 септември 2020Во Белорусија протестите против Александар Лукашенко продолжуваат. Но, сѐ повеќе противници на власта од страв од апсења ја напуштаат земјата. Соседните земји Литванија и Полска им даваат азил. Активисти на протестното движење за ДВ раскажуваат зошто морале да ја напуштат татковината, дали сакаат да се вратат и дали се каат за протестите.
Повеќе:
Белоруската опозиционерка Колесникова уапсена на граница
Белорусија: Како функционира пропагандата на Лукашенко?
Диџеј Влад: „Закана со казна заради клевета”
Влад Соколовски бил десет дена во познатиот затвор Окрестина во Минск, само заради тоа што на градски фестивал ја пуштал песната „Чејнџ” од Виктор Зои, која стана симбол за протестното движење во Белорусија. На 22 август морал да ја напушти државата. Денес е во Литванија. „Се надевам дека ова е минливо. Литванската амбасада ни понуди уште на 17 и 18 август помош. Но, тогаш се чинеше дека сѐ ќе помине и ние одбивме”, вели Влад.
Но, веќе на 21 август добил повик од полицаец. Сакал да го сослушува околу интервјуата што ги давал по ослободувањето од затворот. Влад одбил.
Само неколку часа подоцна полицијата му дошла на врата и го земала во станица. Таму бил сослушуван, меѓу другото и за интервјуто за ДВ. Во него диџејот раскажувал дека заменикот министер за внатрешни работи Александер Барсуков го побарал во ќелијата и му се заканил со долга затворска казна и го тепал по грб. Полицијата му се заканувала на Влад со процес за клевета.
„Тогаш Барсуков со неколку други луѓе лично дојде во просторијата. Еден снимаше сѐ со мобилен. Најчесто Барсуков зборуваше многу емотивно, практично не можев да кажам ни збор. Ме праша дали ме платиле. Сѐ се сведе на тоа или да се извинам, или да добијам кривична пријава заради клевета. Се извинив и го потпишав документот. Сега ќе се држам до тоа, бидејќи имам роднини во Белорусија и не знам што може да ги снајде”, вели Влад.
Кога конечно излегол со двајца службеници, наишол на човек кого го препознал од својата ќелија во Окрестина, очигледно скриен соработник на полицијата. „Тогаш ми стана јасно дека ова нема да има крај и дека мора да ја напуштам државата”, вели Влад. Литванската амбасада за само неколку часа му издала виза. Невладини организации помогнале за сместување за време на карантинот.
„Многу луѓе веќе ми нудат и работа", вели диџејот.
Најтешко за Влад за време на затворот било што пет дена не знаел што се случува во земјата. „Потоа чув стражар во ходник кој некому викаше дека ‘од вас ќе направат инвалиди и веќе нема да може да одите’. Цела ноќ слушав пискотници, без пауза. Сите се плашеа дека некој ќе ни дојде и нас. Тоа беше најстрашното во целиот период”, се жали диџејот.
За време на протестите околу седум илјади лица беа привремено уапсени. Многу од нив во затворите биле измачувани. Но, Влад е сигурен: „Ќе се вратиме во Белорусија штом биде безбедно. Сакам кога ќе се вратам да работам без да се плашам.”
Предводникот на штрајкот Јуриј: „Јасно ми беше дека ќе ме одведат“
Јуриј Рововој, вработен во компанијата за производство на ѓубрива „Гродно Азот“, беше предводник на локалниот штрајкувачки комитет. Заедно со неговите колеги, во знак на протест, побара да се запре производството. На 24 август беше принуден да замине за Полска.
„Одлуката за заминување беше спонтана. По ноќната смена легнав да се одморам и ме разбуди тропање на врата. Видно нервозната раководителка на смена ми рече: ‘Во ходникот и на скалите сте расфрлиле песок’," раскажува Јуриј. Веднаш му станало јасно дека ако се симне да го расчисти, кај излезот за итни случаи ќе го пресретнат мажи во цивилка, ќе го вовлечат во автомобил и ќе го одведат. Еден пријател го пренел преку граница во Полска, каде Јуриј побара азил.
„Пријатели ми помогнаа да изнајмам стан, во кој мора да ги поминам задолжителните 14 дена карантин. Знам што сакам да правам следно: сакам со своја глава и свои раце да заработам пари. Но не сакам овде да пуштам корени, со моите мисли сум во Белорусија. Во моментот кога работите ќе се променат, со првиот автобус ќе се вратам во Гродно“, се надева Јуриј.
Воопшто не жали што го предводел штрајкот. Многумина околу него на почетокот беа индиферентни, но го сакаат истото. „Тоа се луѓе кои сакаат нивната земја да се промени на подобро, иакосега штрајкуваат. Секој знае дека е тоа неопходно во моментов. Ќе боли, ама не за долго“, уверен е Јуриј и додава: „Сметам дека можам да бидам многу покорисен и од Варшава, отколку да се кријам некаде низ земјата или по станови кај пријатели."
Бизнисменот Андреј: „Добро осмислен апарат за репресија“
Андреј Воронин е познат по дизајнерски мебел од дрво. Во август се приклучи на опозицискиот Координативен совет во Брест. Но, и тој кратко потоа мораше да ја напушти земјата, како што напиша на својот Фејсбук профил на 26 август. Тој не открива каде се наоѓа во моментов. „Кога му се приклучив на Координативниот совет, јас и другите членови бевме повикани во Јавното обвинителство. Тие дојдоа во мојата фабрика, каде што има машини и други апарати, сѐ фотографираа и запечатија, ги испрашуваа моите соработници и извршија претрес во куќата на моите родители, на чија адреса сум пријавен“, раскажува Андреј.
На бизнисменот му се заканува затворска казна од пет години поради наводно затајување огромни приходи. „Ми беше јасно дека морам да ја напуштам Белорусија, за да не завршам како политички затвореник“, вели Андреј. За два часа се спакувал и со сопругата со автомобил ја напуштиле земјата. Границата ја поминале без проблеми.
„Целиот апарат за репресија на Лукашенко е добро осмислен. Не се работи само за репресија како тортура во затворот Окрестина. И пријатели и роднини се ставени под притисок. Има различни методи за репресија врз една личност," раскажува Андреј.
И тој не жали што му се спротивставил на системот. „Во моментот кога Лукашенко и неговите луѓе ќе исчезнат – не се двоумам ниту секунда, веднаш се враќам назад, бидејќи си ја сакам Белорусија, Брест, моите сограѓани, пријатели и семејството. Мора да преовладува владеење на правото и човековите права да бидат загарантирани. Тоа во моментов не е случај. Сега во Белорусија преовладуваат пендреци и гумени куршуми," вели Андреј. Тој не верува дека протестот ќе стивне. „Мислам дека сите кои беа приморани да ја напуштат земјата ќе се обидат да им помогнат на оние кои останаа“, заклучува Андреј. Нема веќе враќање назад.