Бенедикт ќе му биде верен на наследникот
28 февруари 2013Бенедикт 16. официјално заминува од функцијата вечерва во 20 часот. Крајот на неговото папство ќе биде одбележан со симболично затворање на портите на палатата Кастел Гандолфо, папската резиденција на периферијата на Рим каде тој ќе се пресели следните недели.
На историското збогување со кардиналите, тој порача дека ќе моли до Светиот дух да им помогне при изборот на новиот папа кому му вети „безусловна верност и послушност“.
Кардиналите ќе одржат подготвителен состанок в понеделник на кој треба да разговараат за закажување на датум за Конклавата, собирот зад затворени врати во Сикстинската капела на кој треба да го изберат наследникот на функцијата. Целта е новиот папа да биде избран до Велигден, кој годинава според календарот се слави на 31 март.
За време на неговото владееење, Бенедикт се соочи со многубројни скандали, почнувајќи од прикривањето на злоупотребата на деца во католичката црква, па до аферата Ватиликс - објавувањето тајни папски документи кои фрлија светлина врз сомневањата за кронизам, корупција и битки за превласт во Ватикан. Тој досега инсистираше дека одлуката за повлекување е резултат на заморот и староста, а не на скандалите во и околу Ватикан.
Во обраќањето, Бенедикт се осврна и на изминатиот период, порачувајќи дека кардиналите минале низ “прекрасни моменти на сјајна светлина, но и моменти во кои облаци се надвиснале на небото“.
Верниците вчера (27.02) го поздравија поглаварот на римокатоличката црква при неговото пристигнување на плоштадот Свети Петар. Возејќи се во отворен автомобил, папата ги отпоздрави верниците. Тој постојано благословуваше деца и бараше контакт со верниците. Многумина во рацете држеа знамиња и плакати со благодарност. На последниот јавен настап на папата Бенедикт Шеснаесетти, според проценките присуствуваа околу 150.000 луѓе.
Во неговиот последен јавен говор папата Бенедикт 16. им се заблагодари на верниците. „Господ и црквата им ги доверувам на целиот свет“, рече папата, кој се заблагодари и за почитта и разбирањето кои ги добил откако на 11. февруари годинава најави дека се повлекува од Светата столица. Одлуката ја донел за доброто на црквата. Нему му е јасно колку е „важна и невообичаена“ оставката, рече папата, кој е првиот поглавар на римокатоличката црква од средниот век до денес, кој се повлекол од функцијата на папа, пред да почине.