Бербок најави нова безбедносна политика на Германија
18 март 2022Руската агресија во Украина, според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, покажува јасно дека „по прашањата на војна и мир, прашањата на праведност и неправедност, ниту една земја, па ни Германија, не може да биде неутрална“. Тоа важи особено ако се има предвид германската историја. „Од германската вина за војна и геноцид произлегува особена одговорност за нас“, рече Бербок по повод почетокот на подготвувањето на нова национална безбедносна стратегија за Германија. Тоа значи обврска „да се биде на страната на оние чии животи, слобода и права се загрозени“.
Војната на рускиот претседател Владимир Путин, која е спротивна на меѓународното право, нѐ соочува со нова безбедносно-политичка стварност, рече министерката: „Во светло на големиот руски рез со нашиот мировен поредок, мораме уште појасно да ги претвораме во практична политика принципите коишто нѐ водат.“ Она што е од решавачко значење, според Бербок, е имање јасен став, зајакната способност за дејствување и заострени надворешнополитички и безбедносно-политички инструменти.
Војната во Украина „уште еднаш покажува дека безбедноста зависи од способноста на НАТО“. Од Германија министерката бара преземање поголема одговорност во НАТО. Притоа, треба да се бранат заедничките вредности и интереси. Целта е надворешната политика да се утврдува „со јасен вредносен компас в рака“, вели Бербок.
Шефицата на германската дипломатија зборуваше и за економските зависности и нагласи дека проблемите во доставувањето поради војната во Украина ќе бидат „големи“, меѓу другото и поради тоа што Украина, на пример, веќе не може да доставува пченица за земјите во Африка.
Разговор и со авторитарните режими
Германија би морала да стане независна од увоз на фосилни енергии, но притоа не смее да падне во некаква нова зависност, вели Бербок. Таа е уверена дека треба да се разговара и со „авторитарни режими“: „Притоа, од одлучувачко значење е да не дозволиме да бидеме замолчени, да не голтаме работи затоа што сме, на пример, економски или енергетски зависни, туку да заземе став, дури и кога е тешко.“
- повеќе: Бербок: Се разбудивме во еден поинаков свет
Бербок, во чие министерство треба главно да се развива новата безбедносна стратегија, најави дека процесот ќе се одвива во соработка со другите министерства, парламентарните групи во Бундестагот и со националните и меѓународните партнери. Во текот на тој процес германската влада ќе развие и нова стратегија за Кина.
Германската безбедносна стратегија треба да биде поврзана со соодветните напори на ниво на ЕУ и НАТО. Новата влада во Берлин уште во својот коалициски договор најави: „Ќе претставиме сеопфатна стратегија за национална безбедност во првата година од мандатот на новата сојузна влада“. Ова е прв проект од ваков вид во историјата на СР Германија.