1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин не предупредил на опасностите во Украина

Б. Георгиевски/дпа/афп27 април 2015

Официјален Берлин знаел за опасностите од летањето над Украина пред уривањето на летот МХ17, но не ги алармирал германските авиокомпании. Обвинувањето е дел од заедничка истрага на три медиуми.

https://p.dw.com/p/1FFN8
Фотографија: imago/Itar-Tass

Германската влада знаела за опасноста за авионите кои прелетувале преку Украина два дена пред да биде урнат летот МХ17, јавуваат денеска германските медиуми, цитирајќи тајни дипломатски депеши на Министерството за надворешни работи.

Тим новинари од регионалните медиуми ВДР и НДР, како и од весникот „Зиддојче Цајтунг“, го истражуваше случајот на МХ17 кој беше урнат над сепаратистичка територија во Украина на 17 јули 2014 година. Сите 298 патници и членови на екипажот го загубија животот.

Два дена пред катастрофата, германското Министерство за надворешни работи јавило дека состојбата во регионот е „многу загрижувачка“ затоа што претходниот ден, на 14 јули, украински воен авион од типот „Антонов“ бил погоден на висина од повеќе од 6 илјади метри. Уривањето на авион на таа висина бил јасен сигнал за воените експерти дека и авион кој би летал на далеку поголема височина би можел да биде погоден, што значело дека постоела опасност и за патнички авиони.
Според новинарската истрага, оваа информација неколку пати била пренесена од германските тајни служби до владата, а документот бил со пониско ниво на тајност. Но информацијата не била споделена и со германските авиокомпании пред несреќата.

Луфтханза летала над регионот

„Факт е дека немавме информации од властите пред 17 јули“, соопштија од Луфтханза за медиумите. „Инсајдер во Луфтханза“ цитиран од медиумите додава дека доколку компанијата добиела такво предупредување од владата, со сигурност немало да лета над источна Украина. Новинарското истражување покажува дека е среќна околност тоа што авион на Луфтханза не бил соборен. Само на денот на трагедијата, Луфтханза три пати прелетувала преку источна Украина, еден од тие летови бил само 20 минути пред урнатиот авион на „Малезија Ерлајнс“.

Според „Зиддојче Цајтунг“, за разлика од Министерството за надворешни работи кое ги игнорира прашањата за одговорноста, Министерството за транспорт одговорило дека „Владата немала информации за влошување на безбедносната состојба за цивилни прелети во Украина пред падот на МХ17“.

Боингот 777 летал на височина од околу 10 илјади метри кога, според истрагата, бил погоден од голем број објекти и се распаднал во воздух. Официјалната истрага околу падот на авионот се‘ уште трае. Киев и Западот ја обвинија Русија дека ги вооружила проруските сепаратисти со ракети земја-воздух. Руските медиуми, од друга страна, сугерираат дека авионот бил урнат од воени летала на украинските воздухопловни сили.