1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин јасно ја предупредува Турција

ЕМФ / дв
20 март 2017

Реакциите на Берлин на вербалните напади од страна на турскиот претседател Ердоган стануваат поостри. Се зборува за дрскост на турскиот претседател и има закани за прекин на преговорите за ЕУ-интеграција.

https://p.dw.com/p/2ZWcM
Türkei Banner mit Porträt von Präsident Erdogan in Istanbul
Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Најјасното предупредување во насока на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доаѓа од претседателот на парламентарната Комисија за надворешна политика, Норберт Ретген. Тој на Турција ѝ се закани со прекин на преговорите за приклучување во ЕУ доколку во земјата биде воведен претседателски систем.

Турците, пред референдумот за уставни реформи кој е во полза на актуелниот претседател, мора да знаат дека гласаат и за односите на Турција и Европската Унија, изјави Ретген за првиот канал на германската телевизија. Ретген оцени дека со ваква реформа Турција сѐ повеќе се оддалечува од либерална демократија и плановите на Ердоган ги нарече „легализиран државен пуч“. Политичарот на ЦДУ не ги коментираше споредбите на Ердоган со нацизмот. „Нема да се спуштиме на тоа ниво“, изјави Ретген.

TV-Sendung Anne Will, Gast Norbert Röttgen, CDU
Норберт РетгенФотографија: picture-alliance/NDR/Wolfgang Borrs

Првиот човек на пратеничката група на конзервативните народни партии во Европскиот парламент, Манфред Вебер, го предупреди Ердоган да не предизвикува натамошна ескалација на конфликтот со Германија и другите европски држави. „Гордоста на една нација не се брани со навредување на другите“, рече тој, додавајќи дека „нападите“ на Ердоган стануваат „сѐ побизарни“.

Новоизбраниот лидер на германските социјалдемократи Мартин Шулц споредбите на Ердоган со нацизмот упатени на адреса на германската канцеларка Меркел ги нарече дрски. Еден претседател да навредува шефица на влада на пријателска земја во ваква форма е дрскост, рече Шулц за АРД. „Господин Ердоган е на пат сосема да загуби контрола врз својата реторика“, додаде Шулц, нагласувајќи дека ќе мора да му се каже оти како претседател на земја членка на НАТО и на земја кандидат за ЕУ тоа не може да го прави.

SPD Sigmar Gabriel
Зигмар Габриел му ставил на турскиот колега до знаење дека границата е поминатаФотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

„Ние сме толерантни, но не сме глупави“

Германската влада досега реагира воздржано на вербалните напади од Анкара. Канцеларката Меркел во владината изјава во Бундестагот на 9 март рече дека „споредбите на СР Германија со националсоцијализмот мора да престанат“. Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел нападите ги оцени како „апсурдни“. „Ние сме толерантни, но не сме глупави“, изјави Габриел за „Пасауер нојен пресе“. Затоа тој на својот турски колега јасно му ставил до знаење дека границата е помината.

Откако не беше дадена дозвола за предизборни настапи на некои турски министри во Германија, Ердоган на почетокот на месецов ги обвини германските власти за употреба на „нацистички методи“ и со тоа предизвика гнев во Берлин. Вчера турскиот претседател првпат лично ја обвини канцеларката Меркел за „нацистички методи против моите турски браќа во Германија и против министрите“ кои во Германија сакале да се заложат за воведување претседателски систем во Турција. Слични обвинувања Ердоган упати и на сметка на Холандија.

Deutschland Zehntausende Kurden gehen in Frankfurt auf die Straße
Во Франкфурт во саботата демонстрираа десетици илјади КурдиФотографија: Reuters/R. Orlowski

И Дојче Веле мета на напад

Од Турција доаѓаат и обвинувања на сметка на Дојче Веле. Турскиот весник „Ѓунеш“ го обвини ДВ за „терористичка пропаганда“. Повод за ваквото тврдење е Facebook-Live-пренос на турската редакција на ДВ од собир во Франкфурт. „Ѓунеш“ на насловната страница прикажува фотографија од ДВ-репортерка на демонстрациите на Курдите и пишува: „Сега е доста: Германија, која им забранува настапи на турските министри, повторно им даде дозвола за собирање на приврзаниците на ПКК. А на германската телевизија ДВ терористичкиот марш е пренесуван во живо.“

Генералниот директор на Дојче Веле, Петер Лимбург одговара: „Ова е апсурдно тврдење кое уште еднаш докажува каква е состојбата со медиумите во Турција. Истиот весник неодамна испечати фотографија на канцеларката на која таа е прикажана како Хитлер. Медиумите мора решително да се спротивстават на ваквата инструментализација на печатот во Турција и на луѓето во Турција мора да им понудат објективни информации.“