Берлускони на суд за „Бунга, Бунга“
23 ноември 2011До пред само неколку недели Силвио Берлускони се‘ уште имаше избор - на кризен самит во Брисел или на судење во Милано. Избор меѓу чума и колера. Принуден да бира, експремиерот секогаш бираше да го одбегне судењето. Самиот тој се смета за неправедно обвинет, жртва на италијанското судство.
„Доколку зборувате за ’Бунга, Бунга’, тоа е најбезопасната работа на светот“, велеше Берлускони.
Берлускони е обвинет дека имал секс со малолетна проститутка. Во центарот на вниманието е мароканката Карима ел Махруг, алијас Руби. Дополнително, обвинителството го товари и дека како премиер се обидел да прикрие целиот случај.
Џорџ Клуни ништо не видел
Во декември во судницата треба да се појават и сведоци на настанот. Ќе се реконструира што се случувало за време на ноќните сеанси во вилата на Берлускони. Во полза на одбраната треба да сведочи и американскиот актер Џорџ Клуни.
„Јас не бев на неговата ’Бунга, Бунга’ забава. Јас бев на друга забава, разговарав со него за состојбата во Дарфур и тоа беше многу забавна дискусија. Тој ми ја покажа неговата спална соба, и креветот кој му го подарил Путин. Потоа тргнав да си одам, а тој ми рече: ’Остани, ќе има уште една забава’“, објаснуваше Клуни.
Несомнено е дека Руби-процесот ќе донесе уште многу интересни детали од приватниот живот на Берлускони. Она што е сигурно, е дека на Берлускони не му се заканува никаква затворска казна во процесот. Согласно италијанските закони, лица постари од 75 години не можат да одат в затвор, а Берлускони има точно толку.
Берлускони има уплав од затвор
Поголема опасност за експремиерот е судењето кое почна во вторникот, исто така во Милано. Во овој случај, Берлускони и неговата медиумска компанија „Медиасет“ се обвинети за затајување данок.
Новинарот на торинскиот весник „Ла Стампа“, Федерико Џеремика, тврди дека Берлускони има уплав од опасноста да заврши во затвор поради овој случај.
„Тој се плаши. Мислам дека тоа беше дел и од преговорите за новата влада во Италија. Берлускони дал зелено светло за нејзиното формирање дури откако добил серија гаранции за неговата политичка кариера, но и за тековните процеси“, тврди Џеремика.
Од друга страна, адвокатот и сопартиец на Берлускони, Маурицио Паниц, ги смета ваквите оценки за претерани.
„Тоа е претерување, затоа што реално не постојат обвиненија кои би можеле да го однесат в затвор. На тоа треба да се гледа далеку поопуштено“, вели Паниц.
Автор: Тилман Клајнјунг / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска