1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бескрајна сапунска опера

19 октомври 2019

Така е во политиката. Не верувајте во сѐ што ви кажуваат. Зоран Заев тоа го почувствува на драматичен начин. Сега му останува да ги лечи тешките рани и да се прашува – дали бев премногу наивен? Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3RYZN
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Младата и речиси неискусна француска министерка за европски прашања, Амели де Моншалан, направи добра синтагма пред почетокот на министерскиот совет на ЕУ кога го оквалификува проширувањето на Унијата како „бескрајна сапунска опера“. Се разбира, таа на новинарите сакаше да им каже дека Париз мисли дека вака веќе не може да оди проширувањето и дека Унијата треба прво да се реформира за после да прима нови членки. Но настаните во кои учествуваше и таа, покажаа дека Франција како еден од двајцата главни актери на европската сцена, всушност, е главен промотор на „бескрајната сапунска опера“. Кога им ветуваш веројатно членство на аспирантите гладни за европски вредности, а потоа се преправаш дека тоа не си го кажал, па дури измислуваш и објаснувања кои се екстремно прозаични.

Ако Емануел Макрон се присетеше само малку на неговиот програмски говор за надворешната политика од септември 2017 на Сорбона, ќе сфатеше дека тогаш немаше никаков страв од никого, а најмалку од албанските мигранти во Франција. Неговиот тогашен говор навистина имаше визија, сегашното објаснување за некакви криминалци од дивиот Балкан, е приземно, прилично несоодветно за човек кој сака да се претставува како голем државник кој сака повторно да ја претвори Франција во најважен играч во Европа.

Во тој долг говор на Сорбона, Макрон одвои еден пасус и за Балканот и го кажа ова:

„Кога целосно ќе ги почитуваат законодавството и демократските барања, оваа ЕУ ќе мора да се отвори кон балканските земји, бидејќи нашата ЕУ е сè уште привлечна и нејзината аура е клучен фактор на мирот и стабилноста на нашиот континент. Тие мора да ги почитуваат предвидените услови, но за да ги обезбедиме нив во Европската Унија, реинвентирана на овој начин е предуслов за тие да не го свртат грбот кон Европа и да се движат кон Русија или Турција, или кон авторитарните сили кои во моментот не го поддржуваат нашите вредности“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Збогум на Солун?

Тогаш овие зборови беа протолкувани како посветеност на новиот претседател кон европските вредности и заокружувањето на Европа со делот што недостасува. Има ли денес нешто од тоа? Малку, оценуваат многумина. Неговата најава дека земјите од Балканот, кои не се внатре во Унијата и се поблиску до Брисел од Бугарија и Романија, би можеле да бидат само дел од соседството и да се претворат во една голема енклава, предизвика многу недоумици и зачуденост дали францускиот претседател тргнува во мисија да ја урне и Солунската агенда од 2003 година. Но еден политичар, па макар бил и од толку голема и важна земја како Франција, не може да урне цела европска политика. Уште во првите месеци во францускиот печат однесувањето на Макрон го споредуваа со Јупитер (врвниот бог кај Римјаните) сакајќи да го окарактеризираат неговото поведение со систем на непогрешливост. Но тоа не значи дека ќе биде реизбран во 2022 година..

На македонската јавност драматичните настани од Самитот на европските лидери во голема мерка ѝ го открија начинот на кој функцинира ЕУ кога ќе дојде решавањето на прашањата кога има различни интереси; и дека тогаш калкулациите на земјите за своите интереси можат да бидат поголеми од заедничките прокламации. Следејќи го морето вести од Брисел дури и многу од оние што се повеќе упатени во европските работи тешко ги фаќаа конците. Повеќето земји биле Македонија и Албанија да добијат датум во пакет, помал број биле за раздвојување, при што Скопје да добие зелено светло; Германија и Италија биле парот да остане по секоја цена, а на Париз не му одговарала ниедна варијанта освен една – „не“ за двете земји.

Некои од овие работи се точни. Тоа можеше да се прочита и чуе од многу европски лидери, можеше да се види длабокото разочарување на Доналд Туск и Жан-Клод Јункер затоа што нивниот последен самит помина во негација за европските вредности за коишто се залагаа. Додуша, Јункер сам на некој начин го предвиде ваквиот развој на настаните кога пред пет години изјави дека за време на неговиот мандат на чело на Европската комисија нема да има проширување на ЕУ, но жестоката посветеност Македонија и Албанија да добијат датум требаше на некој начин да го избрише негативниот одиум на изјавата која уште се памети. Туск, кој доаѓа од Полска, земја која стана членка на ЕУ во 2004 година, и кој има поинаква перцепција за примамливоста на Европа отколку старите западни членки, веруваше дека мандатот може да го заврши со отворањето на хоризонтите на две мали и сиромашни балкански земји пред да му го предаде кормилото на Белгиецот Шарл Мишел (сегашен премиер), за кого се знае дека не е некој фан на проширувањето, туку повеќе човек кој сака да крене кочница.

Неочекувано за многумина дури и во Брисел, прашањето на проширувањето го украде шоуто на самитот дури и од „Брегзит“, затоа што се расправаше подолго (дури шест часа), потензично, а некои велеа дури и експлозивно. Не треба многу да се верува во објаснувањата на главните политички актери зошто особено Македонија беше одбиена. Најголемиот дел од членките имаат искрен и посветен однос кон македонските европски аспирации. Но, кога станува збор за релациите на најголемите, работите веројатно треба да се земат со резерва.

Двата мотора

Еве само два примера. Пред расправата во хоандскиот параламент ден пред министерскиот состанок шефот на дипломатијата Стеф Блок изјави за тамошните медиуми дека Хаг ја кренал рампата за Северна Македонија и дека тоа веројатно нема да се случи за Албанија. Објаснувајќи ја позицијата на Владата околу законот за јавно обвинителство (не смее да се заборави дека Холандија вложи големи средства и друга поддршка за СЈО) Блок изјави дека тоа веќе не е голем проблем, затоа што владата направила сѐ од своја страна, но дека опозицијата била таа што ја кочела легислативата. Имаше контрадикторни информации од самитот дека Холандија навистина била за одвојување на Македонија од Албанија, а потоа Макрон да тврди дека Франција не била единствената во одбивањето, туку дека нејзе ѝ се придружила и Холандија. Холандскиот премиер Марк Руте веројатно беше единствениот од оние што по крајот на самитот не изразија жалење за блокадата, туку побрза да им даде домашни задачи на Македонија и Албанија за следниот период, наведувајќи дека сепак списокот за нас бил многу покус.

Вториот е многу позначаен. Тој се однесува на двата мотора – Франција и Германија. Сетете се само на настаните од пролетта ова година. На барање на Париз Европската комисија го одложи објавувањето на извештаите за напредокот на Македонија и Албанија за по европските избори за да не им наштети на перспективите на партијата на Макрон на гласањето. Бидејќи во Париз знаеја дека за двете земји ќе има препораки за датум за преговори. Потоа, кога поминаа изборите (партијата на претседателот тесно ги загуби), Макрон побара од Меркел Бундестагот да го одложи задолжителното изјаснување за документот на Комисијата за септември. Меркел, поради стратешкото партнерство со Париз го прифати ова барање, кое тогаш беше објаснувано само како техничко прашање. Но, од денешен аспект, тоа не изгледа така.

Frankreich Toulouse | Emmanuel Macron & Angela Merkel
Меркел и Макрон во Тулуз, 16.10.2019Фотографија: Reuters/R. Duvignau

Неправедно би било да се сомневаме дека тука имало некоја крајна намера, но интересите за водењето на ЕУ изгледа ја покрија моралната трансверзала. Ден пред самитот на традиционалната годишна француско-германска владина средба во Тулуз, Меркел и Макрон покажаа зачудувачко единство за голем број прашања. Германската канцеларка тогаш го остави францускиот претседател на прес-конференцијата да ја кажува приказната за европската куќа која никој не ја поправа, без да направи некоја позначајна интервенција. И уште, доколку Меркел на самиот не инсистирала по секоја цена Македонија и Албанија да одат во пакет, туку да се направи раздвојување, сосем веројатно дека ќе имало поголема можност да се одобри датум за нашата земја. Но непопустливиот став на канцеларката му даде муниција на непопустливот став на претседателот. И згора на тоа, објаснувањето за нивните постапки зошто се залагаат за прифаќање или одбивање на парот беше идентично – да не се предизвика незадоволство меѓу Албанците во Албанија и Албанците во околните држави. Германија е навистина посветена на европските перспективи на регионот, особено поради нејзините стратешки и економски интереси, но мора да се знае дека односите со Франција се врв на сите интереси, па некогаш и зборовите „многу ми е жал“ изгледаат како соодветен облик да се објаснат настаните.

Уште еден пример е интересен. Бевме навикнати по секој ваков состанок поврзан со проширувањето (било самит, било министерска средба) претставниците на Унгарија да кажуваат дека е многу срамно што се скратува европската перспектива на Македонија. Ги паметиме тие жолчни изјави на шефот на дипломатијата Петер Сијарто. Сега молк на претставниците на Будимпешта. Виктор Орбан има мака по одбивањето на неговиот кандидат за комесар за проширување, а вториот предлог уште не одобрен од Урсула фон дер Лајен. Затоа најдобро е да се молчи, за да не биде понижен уште еднаш. Орбан беше минатиот петок во Елисејската палата за да соопшти дека Макрон во Унгарија е „високо почитуван лидер со визија“ кој „ја донесе назад интелектуалната сила на дебатите за европската политика и ние силно го цениме тоа“. На Орбан му треба поддршката на Макрон за неговиот нов кандидат за комесар и затоа подобро е да се молчи за неправдата кон неговите македонски пријатели. Макрон, од своја страна, заборави на тешките зборови од март годинава, кога ја обвини Европската народна партија за компромисот со Орбан поради неговото непочитување на демократските норми, затоа што и нему му треба секаков сојузник да не биде понижен уште еднаш по одбивањето на кандидатурата на Силви Гулар.

Така е во политиката. Не верувајте во сѐ што ви кажуваат. Зоран Заев тоа го почувствува на драматичен начин мислејќи дека е предаден на најбесрамен начин откако направи сѐ со Преспанскиот договор. Па дури и понижен. Сега му останува да ги лечи тешките рани и да се прашува – дали бев премногу наивен?

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар