Битиќи најавува нова влада со кадровски измени
16 ноември 2021Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најавува дека наскоро ќе има трета влада предводена од Зоран Заев, која ќе претрпи одредени кадровски промени. Можна е промена на шест-седум министерски места.
„Сметам дека ќе добиеме наскоро нова влада ‘Заев 3’, дали се тоа двајца, тројца, пет или седум министри што ќе се сменат. Сметам дека Заев ќе остане на неговата лична одлука за повлекување. Треба да има реконструкцијата на владата, без оглед дали ќе влезе нова партија или ќе остане истото мнозинство, сметам дека треба да има одредени промени на кадрите“, изјави Битиќи, кој е и потпретседател на СДСМ, во гостување во „Утрински брифинг“.
Според Битиќи, во општеството е невозможно да има премиер различен од претседател на носечката партија, освен ако нема техничка или експертска влада. Затоа, сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада.
Кој ќе остане, а кој ќе замине?
Тој вели дека е ослободен од грижата дали ќе биде на новата листа на владиниот кабинет. „Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине“, порача Битиќи.
Првата влада предводена од Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година, а втората влада беше избрана на 30 август 2020 година. Премиерот Заев на 31 октомври, по неуспехот на локалните избори најави оставка и на премиерката и на лидерската функција во СДСМ. Минатата недела, тој одлуката ја стави во мирување на неопределено време, поради консолидирање на ситуацијата во Владата и во државата, која што се наоѓа пред сериозни економски и политички предизвици. Таквата одлука ја соопшти пред да се одржи седницата на Собранието за гласање доверба на Владата - иницијатива која што беше поднесена од опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, но кој не ја обезбеди потребната поддршка од пратениците.