1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Битка за Змискиот остров во Украина: Карпа за која се гине

Томас Лачан
18 мај 2022

Тоа е само мал, пуст остров на крајниот запад на Црното Море, но Русите и Украинците жестоко се борат за него. Зошто таканаречениот Змиски остров е од огромно стратешко значење?

https://p.dw.com/p/4BPoi
Ukraine | Schlangeninsel (Zmiinyi Island, Snake Island)
Фотографија: AndreyxNekrasov/imagebroker/IMAGO

Не е познато како островот го добил името. Оваа карпа со површина колку дваесетина фудбалски игралишта се нарекува Змиски остров. Во единствената населба - наречена Биле - има неколку десетици луѓе, главно граничари, а имало и научни експедиции.

Велат дека во дамнешни времиња тука имало и еден полубог. Според грчката легенда, на тоа мало островце е наводно погребан Ахил, постои и светилиште кое му е посветено нему. Но жителите на островот никогаш не го виделе гробот, бидејќи на негово место веќе 200 години има светилник. Најважен објект покрај него е само антената за мобилна телефонија.

Крај на изолацијата

Но, на крајот на февруари годинава едноличниот живот на овој камен се менува. Руската морнарица започнува инвазија и од север и од исток, па меѓу другото го напаѓа и Биле на Змискиот остров, кој од Крим е оддалечен 200 километри, а од Донбас повеќе од 500 километри. Населбата е речиси целосно уништена, а заробени се тринаесет украински граничари. Ова место стана познато низ медумите по пораката која на рускиот брод им ја испрати еден од нив преку радио-врска, а која гласеше “Е.. се!“ Таа оттогаш стана синоним за украинскиот отпор – во април Украина издаде и поштенска марка на која е овековечен овој настан.

Оттогаш островот е под контрола на Русите. Но, сега повторно избувнаа жестоки борби. Украинската војска извести дека потопила еденруски десантен брод, а неколку дена подоцна и брод за логистика. „Всеволод Бобров“, кој бил на пат кон Змискиот остров, наводно носел оружје, меѓу другото и противвоздушни проектили.

Стратешки важен остров

Колку и да изгледа неугледно на прв поглед, овој гол остров е од големо стратешко значење за двете завојувани страни. Од една страна, во Црното Море има само неколку острови, од друга - Змискиот остров, кој е на околу 200 километри јужно од Одеса, нуди можност да се контролира целиот поморски сообраќај во близина на најголемиот пристанишен град во Украина. Со долгорочна окупација на островот, Русија ќе може да го блокира речиси целиот извоз на стоки преку пристаништето Одеса. Милиони тони пченица или сончоглед, кои сега тешко се превезуваат по копнен пат, ни во иднина не би можеле да се транспортираат по морски пат.

Змискиот остров отсекогаш имал стратешко значење. Тој беше воена база и во советско време. Островот има хелиодром и две платформи, каде што можат да се закотват и големи воени бродови. Се вели дека таму има и складишта за муниција и гориво, радарски системи и ракетни позиции. Сепак, оваа информација не може да биде независно проверена, бидејќи островот со децении беше забранета воена област недостапна за јавноста и тоа долго време пред да избие сегашната војна во Украина.

Ukraine | Schlangeninsel (Zmiinyi Island, Snake Island)
Змискиот остров отсекогаш имал стратешко значењеФотографија: Planet Labs PBC/AP Photo/picture alliance

Отсекогаш спорен

Притоа, Змискиот остров до 1948 ѝ припаѓал на Романија, а потоа му бил подарен на големиот брат СССР. Оттогаш околу него спор водат Романија и Советскиот Сојуз, па потоа Романија и Украина. Се претпоставува дека во овие води има важни ресурси. Во 2007 Украина постави темели за населбата Биле на дотогаш ненаселениот остров за да ги поткрепи своите територијални права. Тоа што островот на 24 февруари 2022., покрај Донбас и Киев, беше меѓу првите цели на напади од страна на руската армија, уште еднаш го потцртува неговото стратешко значење.

infografik Karte Schlangeninsel DE

Руските планови и украинскиот отпор

Британските разузнавачки служби тврдат дека Москва сака да ги зајакне трупите на островот со крстосувачки ракети и стратешка противвоздушна одбрана. На долг рок, може да се изгради и писта за борбени авиони. Во текот на изминатите денови украинската армија се обидуваше да ги спречи тие активности со серија напади со дронови и ракети. Сателитски снимки на американската компанија Максар покажуваат дека покрај многу оштетениот брод „Всеволод Бобров” се урнати и најмалку еден руски воен хеликоптер и една батерија за противвоздушна одбрана.

Дали украинската армија ќе може да ја врати контролата над островот е неизвесно. Извесно е само дека жестоките борби ќе продолжат. Зашто, Киев не сака островот со Ахиловиот гроб да стане Ахилова пета за југот на земјата.